Се гради новото училиште, а на старото ќе му се даде соодветна намена

78

Основното училиште „Свети Климент Охридски“ вчера прослави сто години од постоењето. Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски кој присуствуваше на свечениот настан потенцираше дека најубавиот начин да се прослави овој значаен јубилеј е преку инвестирање во подобри услови за учениците, а во ова училиште токму тоа се случува.

-Изградбата на новиот современ училишен објект е во напредна фаза и ќе значи најдобри можности за раст и развој за сегашната и сите идни генерации. Ова училиште цел век е дом на најубавите спомени од детството на многу генерации. Тука првите чекори во образованието ги правеа денешни лекари, инженери, учители,  луѓе кои денес се темелите на нашата заедница – истакна Ѓорѓиевски.. 

Тој информираше дека новото училиште ќе биде на површина од од 3.600 квадратни метри, ќе има 19 училници, 7 кабинети, како и сите други неопходни простории.

-Стариот училишен објект нема да биде урнат, туку напротив, ќе му се даде нов живот со соодветна намена, за тој да продолжи да сведочи за историјата на нашата заедница и да биде дел од нашиот идентитет – истакна Ѓорѓиевски.