– Со новата спортска сала, конечно, училиштето, кое моментално има 493 ученици, ќе добие соодветен простор за часовите по физичко воспитување, како и за развој на спортски активности. Учениците ќе добијат услови какви што имаат учениците во другите училишта во Општина Ѓорче Петров – изјави градоначалникот Александар Стојкоски. Оваа спортска сала ќе можат да ја користат и други спортисти и ќе биде готова до април наредната година. На овој начин се решава горлив проблем во населбата Хром, како брзорастечка
Во подрачното основно училиште „ Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во населбата Хром денеска почна изградбата на нова спортска сала. Камен-темелникот го ставија премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, кој истакна дека спортската сала ќе биде на површина од 476 квадратни метри.
– Со новата спортска сала, конечно, училиштето, кое моментално има 493 ученици, ќе добие соодветен простор за часовите по физичко воспитување, како и за развој на спортски активности. Учениците ќе добијат услови какви што имаат учениците во другите училишта во Општина Ѓорче Петров – изјави Стојкоски.
Тој додаде дека оваа спортска сала ќе можат да ја користат и други спортисти и дека ќе биде готова до април наредната година. Кажа дека на овој начин се решава горлив проблем во оваа населба, како брзорастечка. Воедно, најави уште една доградба на училиштето.
Градоначалникот најави дека во рамките на ова подрачно училиште ќе биде решен и проблемот со паркирањето, односно ќе биде изграден паркинг- простор со капацитет за 30 места за вработените и за посетителите, како и нова пешачка патека, која ќе обезбеди лесен и безбеден пристап до училиштето и училишниот двор.
– Оваа современа сала е дел од заложбите за подобрување на условите за образование и за физичка активност на нашите најмлади и претставува важен чекор кон создавањето подобри услови за развој на спортските таленти на учениците – истакна премиерот Мицкоски, нагласувајќи дека, конечно, по долгогодишен застој, се гради и се надополнува она што било запоставувано со години.
Минатата година, училиштето го доживеа својот прв чекор кон модернизација, со доградбата на дополнителен дел од 774 квадратни метри, што значително ги подобри условите за настава. Со ова проширување, кое вклучува нови училници и простории, училиштето сега има вкупна површина од 2.713 квадратни метри. Оваа доградба беше суштинска за подобрување на просторот, но со изградбата на спортската сала, образовниот комплекс ќе добие целосно заокружена функционалност.
Изградбата на спортската сала ќе чини 20 милиони денари, кои се обезбедени од буџетот на Општина Ѓорче Петров.
(А.П.)