Генералното чистење на територијата на општина Кисела Вода продолжува со силна динамика. Откако минатата недела започнаа интензивни активности за чистење на улиците, тротоарите и јавните површини, досега се опфатени повеќе населби и населени места, а до крајот на акцијата ќе бидат опфатени сите 15 месни и урбани заедници во општината.
Денеска се чистеи во населбата 11 Октомври бараки и на трим патеката, која претставува важен простор за рекреација и е омилено место на граѓаните кои редовно ја користат за спорт и прошетки.
– Ангажираните екипи темелно ги чистат улиците, тротоарите и јавните површини, користејќи ги и новите метларки, кои неодамна беа набавени како одговор на барањата на граѓаните за почиста животна средина. Освен рачно и машинско метење, се перат и плочниците во парковите, се кастрат суви гранки и се отстранува насобраниот комунален отпад. За жал, екипите мора да интервенираат и на несоодветно оставениот шут и кабаст отпад, кој не смеел да заврши на јавните површини – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Покрај оваа акција за генерално чистење, Ѓорѓиевски најави дека од овој викенд општина Кисела Вода започнува и нова акција за подигнување на кабаст отпад, која за првпат ќе се спроведува на тримесечно ниво. Деталите за оваа акција ќе бидат објавени денеска.