Легендарниот аргентински тенисер Хуан Мартин Дел Потро, откри со какви проблеми се соочува секој ден. Аргентинецот не ја оствари кариерата која ја посакуваше поради сериозните проблеми со повредите кои многу порано го испратија во пензија.
Дел Потро одигра половина сезона во 2019 година, по што неговата кариера заврши. Се обиде да се врати во 2022 година, играше на турнир во Буенос Аирес каде беше поразен на првата пречка од сонародникот Делбонис.
Но, дури сега откри дека и денес не е лесно да се справи со проблемите.
„Не трчам од мојата 31 година, не можам да се качам на скалила, не можам да шутирам топка, никогаш повеќе не сум играл тенис како што треба. Дали треба да живеам вака уште 15 години од мојот живот, и тогаш на 50 да ми стават протеза и на 60 да живеам горе-долу добро?“, рече Дел Потро и продолжи.
„Станувам и пијам помеѓу 6 и 8 апчиња, помеѓу антиинфламаторно, ослободување од болка и уште една за анксиозност. Се надевам дека ќе заврши еден ден, бидејќи сакам да живеам без болка“.
Дел Потро својот најголем успех го постигна со освојувањето на САД Опен во 2009 година, што е негова единствена грен слем титула. Има бронзен медал од Олимписките игри во Лондон во 2012 година и сребрен медал од Рио во 2016 година. Третото место е неговиот најдобар пласман на АТП листата.