Се бара лек за дебелината на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун

169

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун повторно се здебелил и страда од здравствени проблеми поврзани со гојазноста, па властите на земјата во странство бараат нови лекови за да му помогнат, соопшти денеска јужнокорејската разузнавачка агенција.

Ким (40), за кој е познато дене може да му оддолее на алкохолот и цигарите, боледува од дијабетес и висок крвен притисок, а потекнува од семејство кое има проблеми со срцето, објави АП. Неговиот татко и дедо, кои беа на власт во Северна Кореја до 2011 година, починаа од проблеми со срцето.

Некои набљудувачи сугерираат дека Ким, кој е висок околу 170 сантиметри, а претходно тежел 140 килограми, изгубил многу килограми во 2021 година, веројатно поради промена на исхраната. На последните медиумски снимки, пак, се забележува дека тој повторно се здебелил.

Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја денеска на затворена средба со парламентарците констатирала дека Ким повторно тежи 140 килограми и спаѓа во ризична група кога станува збор за заболување од одредени болести.

Двајца пратеници кои присуствуваа на состанокот изјавија дека разузнавачката служба добила информација дека севернокорејските власти бараат да набават нови лекови во странство за високиот крвен притисок и дијабетесот на Ким, пренесува Танјуг.