Жителите на Општина Сопиште добија Дом на културата, кој се простира на површина од 200 квадратни метри и е опремен со повеќенаменска сала, хол со кафе-бар, канцелариски простории и модерна инфраструктура, која ќе овозможи одржување различни културни активности.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со градоначалникот Стефче Трпковски и пратеникот Јане Мицевски, во вчеравечер и официјално го предаде во употреба новоизграденото културно обележје, на големо задоволство на бројните граѓани, кои присуствуваа на настанот.
– Како градоначалник, особено сум горд на овој проект, за кој верувам дека ќе создаде нови можности за развој на културата и на уметноста во Сопиште. Домот сѐ уште нема име. Неслучајно одлучивме да го направиме тоа заеднички. Во периодот што следува, од вашите идеи и предлози ќе го избереме името на Домот, со што симболично заеднички ќе го создадеме неговиот идентитет. Верувам дека сето ова ќе придонесе да создадеме место каде што ќе се негува културната традиција, ќе се промовираат нови идеи и ќе го збогатиме културниот живот во Сопиште – истакна градоначалникот Трпковски.
Објектот е изграден на местото на поранешниот руиниран објект што го користеше месната заедница, врз основа на проект изработен во 2016 година, а финансиран со средства од општинскиот буџет и со финансиска поддршка од Светска банка.
Просторот е проектиран така што ќе може да ги задоволи потребите на заедницата, како за организирање културни настани и мини концерти така и за учење странски јазици и развој на уметнички иницијативи.
Министерот Љутков истакна дека изградбата на Домот е од огромно значење за развојот на културниот живот во Сопиште и рече оти верува дека просторот ќе биде место каде што сите, без разлика на возраста или на интересот, ќе имаат можност да учат, да создаваат и да се изразуваат.