Претходниот повик беше поништен и во новиот се предвидени 83.653.000 евра за финансирање на интерконекторот. Овој пат постапката е забрзана и ќе трае 3 месеци (претходно траеше 9 месеци), за да може, како што најавија од Министерството за енергетика, работите на терен да започнат веќе од следната пролет и да завршат за 2-3 години. Понудите треба да пристигнат до 20 ноември кога ќе бидат отворени и разгледани. Се очекува евалуацијата на понудите да трае неколку месеци

 

Националниот гасен оператор „Номагас“ објави нов меѓународен повик за прибирање понуди од потенцијални компании кои би го граделе интерконекторот за природен гас помеѓу Македонија и Грција.

На претходниот повик што беше објавен во ноември 2023 се пријавија пет заинтересирани страни за негова изградба, евалуацијата на понудите беше во тек, но пред два месеци Европската инвестициска банка, инаку финансиер на проектот и која ја води тендерската постапка најде техничка забелешка во тендерирањето и им предложи на македонските власти да распишат нов повик.

Причината не беше прецизирана освен дека тендерските постапки треба да се спроведуваат во целосна согласност со Водичот за набавки на ЕИБ, што подразбира отворен конкурс, правичност и избор на економски најповолна понуда. Или, како што беше протолкувано од домашни експерти, банката пронашла услов во тендерот кој не е во согласност со нејзините правила, односно било предвидено изведувачи на работите да може да бидат и домашни компании, што на еден начин било ограничувачко.

По тоа, тендерот беше поништен и сега е распишан нов, иако премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека е против распишување на нов. Во новиот повик се предвидени 83.653.000 евра за финансирање на интерконекторот. Овој пат постапката е забрзана и ќе трае 3 месеци (претходно траеше 9 месеци), за да може, како што најавија од Министерството за енергетика, работите на терен да започнат веќе од следната пролет и да завршат за 3 години.

Грчките медиуми пишуваат дека работата на проектот од грчка страна што го изведува ДЕСФА – грчкиот оператор на системот за пренос на гас, е во полн ек и оттаму убедуваат дека интерконекторот ќе биде подготвен за испорака на гас кон Македонија од јуни 2025 година. ДЕСФА го доби тендерот за надзор на изградбата на интерконекторот на македонска страна.

Понудите треба да пристигнат до 20 ноември кога ќе бидат отворени и разгледани. Се очекува евалуацијата на понудите да трае неколку месеци.

Македонскиот дел е долг 67 километри од Неготино до Гевгелија, а целиот потег до Неа Месимвриа во Грција е со вкупна должина од 123 километри. Со овој интерконектор Македонија обезбедува уште една алтернативна врска за обезбедување на течен природен гас од идниот терминал во Грција, како и од гасоводот ТАП кој од Азербејџан преку Турција носи природен гас кон Европа. Низ гасоводот треба да се пренесува и водород.

Терминалот за течен природен гас (ЛНГ) во Александрополис почна со комерцијална работа пред две недели. Од државната компанија ЕСМ, преку соопштение, информираа дека претходната Влада како покровител на потпишаните меморандуми за ЛНГ терминалот и за гасната електрана Александрополис, влегла без претходна стратегија и разработен бизнис план. Согласно достапната документација, од ЕСМ потенцираа дека во проектот Александрополис, Владата „има закупено само капацитет од 1,8 терават-часови (ТWh) годишно, односно 4,95 гигават-часови на ден (GWh) за период од 15 години.

– Поранешното раководство на ЕСМ преку ЕСМ-Продажба закупило само половичен преносен капацитет за гасната година 2023-2024, но без можност за влез на гасот во Македонија, затоа што интерконективната точка Ќустендил – Жидилово, не била закупена за оваа година. Токму затоа, домашната компанија ќе забележи загуби од околу три милиони евра. Прво и основно, во земјава сè уште нема гасна инфраструктура. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил- Жидилово, Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигават-час дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија –  нагласија од ЕСМ.

Исто така, открија дека НОМАГАС кое е во државна сопственост, сè уште нема стекнато 10 отсто учество во сопственоста на ЛНГ терминалот Александрополис, ниту пак, ЕСМ има сопственост од 25 отсто во тамошната гасна централа.

На крајот на март 2021 година, Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, откако беа потпишани меморандуми за соработка на ЕСМ и Национални енергетски ресурси со компании од Грција.

Тогашната македонска Влада соопшти дека „согласно договорот нашата земја учествува со 25 отсто во гасната централа на природен гас во Александрополи која е 800 мегавати, а проценетата инвестиција во оваа електрана е повеќе од 380 милиони евра“ и дека е предвидено учество и „со 10 проценти од вкупната вредност од 370 милиони евра во инвестицијата во гасниот терминал“

Инаку, годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400 милиони нормални кубни метри, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал „Александрополи“ и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на руски „Гаспром“.

Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, ако се има предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постојната во Неготино.

(С.Бл.)