Јавното претпријатие за државни патишта ја подготвува јавната набавка за избор на изведувач, за привремена санација на мостот преку реката Вардар, кај Башино Село на влезот во Велес, која наскоро ќе биде објавена. Критериумите за избор на изведувач за привремена санација на мостот преку реката Вардар кај Башино Село се изготвуваат врз основа на техничкото решение добиено од Градежниот факултет.
Мостот треба да се санира за 60 до 90 дена. Најголем дел од санацијата ќе се одвива долу под мостот, односно на носечките и на останатите столбови и на зајакнување на арматурата на мостот.
Мостот на Вардар кај Башино Село е запрен за секаков вид на сообраќај од 4 јануари годинава. Оттогаш и целокупниот сообраќај се одвива низ градот. За тешките камиони над седум тони со одлука на Советот на Општина Велес воведен е привремен сообраќај. Тие низ центарот на Велес може да поминуваат само од 22 часот до 6 часот наутро. За да се спречи хаосот во сообраќајот во градот, тој, постојано се регулира од сообраќајната полиција на СВР Велес, а особено наутро и напладне кога се оди на училиште и работа и кога граѓаните се враќаат од работа во таканаречените шпицови на денот.
Од 4 јануари, мостот го користат само пешаците кои живеат во околината на мостот, тие ги оставаат своите возила од едната или другата страна на мостот, а потоа поминуваат пеш по него.