Се асфалтира улицата „Румена Хаџипанзова“ во населбата Драчево и нејзините краци, со што конечно се решава тридеценискиот проблем на жителите од овој дел на општината.
Од Општина Кисела Вода информираат дека овој значаен инфраструктурен зафат опфаќа површина од 6.500 квадратни метри, односно 1.500 метри должина, каде што во еден дел се врши комплетна реконструкција, а во друг дел се гради сосема нова улица. Се очекува работите да завршат во наредните денови.
-„Улицата “Румена Хаџипанзова” повеќе од 30 години беше во катастрофална состојба, создавајќи секојдневни проблеми за жителите. Конечно ставаме крај на тој проблем – за само неколку дена оваа улица ќе добие комплетно нов лик, со модерен асфалт, квалитетна подлога и значително подобрена безбедност во сообраќајот. Ова не е само уште еден инфраструктурен проект, туку дел од поголемата визија за Кисела Вода – општина во која секој жител ќе има пристап до современи услови за живот. Нашата стратегија за целосна инфраструктурна обнова продолжува со несмалено темпо, затоа што секој дел од општината заслужува еднаков третман и подобрени услови- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Овој проект е дел од стратегијата на Ѓорѓиевски за асфалтирање на сите улици во општина Кисела Вода, со што се обезбедува рамномерен развој и подеднакви услови за живот во сите населени места.
-Со вакви капитални проекти, локалната самоуправа овозможува модерна и квалитетна инфраструктура, која значително ќе го подобри секојдневието на граѓаните потенцираат од Општина Кисела Вода.