СДСМ и коалицијата го зацврстуваат единството, ВМРО-ДПМНЕ мери рејтинзи, а Вреди обвинува: ДУИ се заканува со бојкот на локалните избори

Изминатиот викенд беше раздвижено во партиските седишта на опозицискиот СДСМ и во ЛДП, но и кај власта и опозицијата од албанските партии и коалиции – Вреди и ДУИ. Од најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и од коалицијата „Твоја Македонија“, откако лично премиерот Христијан Мицкоски најави дека е во тек внатрепартиска дебата и дека ќе бидат познати кандидатите за градоначалници во мај, освен видливата активност на дел од актуелните градоначалници и потенцијални кандидати, кои веќе водат своевидна кампања, засега не излегуваат со јавни коалициски средби и консултации

421

Првиот ден од март ги мобилизираше политичките партии и коалиции во зацврстувањето на позициите во пресрет на локалните избори планирани за октомври годинава, за кои се смета дека ќе бидат тест како за власта и нејзиното водење на државата така и за курсот што го имаат опозициските партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок. Изминатиот викенд беше раздвижено во партиските седишта на опозицискиот СДСМ и во ЛДП, но и кај власта и опозицијата од албанските партии и коалиции – Вреди и ДУИ. Од најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и од коалицијата „Твоја Македонија“, откако лично премиерот Христијан Мицкоски најави дека е во тек  внатрепартиска дебата и дека ќе бидат познати кандидатите за градоначалници во мај, освен видливата активност на дел од актуелните градоначалници и потенцијални кандидати, кои веќе водат своевидна кампања, засега не излегуваат со јавни коалициски средби и консултации. Мицкоски уште во јануари рече дека конечна одлука за тоа кои ќе бидат имињата на кандидатите за градоначалници ќе биде донесена по внатрепартиската дебата и резултатите од анкетите и мерењата што ги врши партијата.

За разлика од нив, во седиштето на СДСМ во саботата, на 1 март имаше средба на лидерите на партиите од коалицијата на која, како што соопштија од партијата, се разговарало за актуелната политичка состојба и за потребата од нов меѓукоалициски договор и потпишување нова платформа за соработка.

– Заклучокот од средбата е дека власта, за само девет месеци, ги разочара граѓаните, го уништи животниот стандард и го запре покачувањето на платите. Сите лидери посочија дека драматично се влошува економската состојба, а ВМРО-ДПМНЕ со лошите политики креира економска криза и инфлација, која го јаде стандардот. Коалициските партнери заклучија дека има целосен застој и блокада во евроинтеграциите на државата, а последните одлуки во меѓународната политика покажуваат скршнување од стратешкиот курс, што може да биде закана за стабилноста на земјата. Како одговор на овие предизвици, коалицијата предводена од СДСМ одлучи дека мора го зацврстува единството, да ја постави соработката на повисоко ниво и да покаже јасна подготвеност за сите идни политички предизвици, вклучително и за претстојните избори. Со договорот што ќе се потпише наскоро ќе се потврди дека коалицијата останува стабилна, организирана и посветена на заштитата на националните интереси и на обезбедувањето политичка стабилност. На состанокот, лидерите на партиите јасно ја истакнаа заложбата за демократски вредности, владеење на правото и почитување на Уставот на Република Северна Македонија – пишува во партиското соопштение.

Оттаму потенцираа и дека „еден од клучните сегменти на договорот е јакнењето на националните интереси, што подразбира градење национален консензус за стратешките прашања, интензивирање на меѓународната соработка и унапредување на добрососедските односи. Коалицијата е цврсто определена за евроинтеграциите и за продолжување на реформите потребни за членство во Европската Унија“.

Новина во идното дејствување на коалицијата е формирање совет на коалицијата, за кој, велат, ќе гарантира ефикасност, брзо донесување одлуки и силна политичка синергија меѓу коалициските партнери.

– Дополнително, на состанокот сите лидери недвосмислено се за заложија за заедничка борба против корупцијата во општеството како приоритет и поддршка на реформите во институциите за унапредување на владеењето на правото. Со оваа нова политичка динамика, коалицијата предводена од СДСМ испраќа јасна порака дека е подготвена силно да се спротивстави на лошите политики на власта. Оваа коалиција не само што гарантира стабилност туку и претставува единственвистински избор за просперитет и напредок на сите граѓани – велат од опозицискиот СДСМ.

Од албанската владејачка коалиција, пак, предупредија дека ДУИ се подготвува за бојкот на локалните избори во октомври и создавање политичка криза, откако лидерот на интегративците, Али Ахмети, повика на мобилизација за Законот за јазиците. Од Вреди велат дека ДУИ, на денот на гласањето, ќе провоцира тензии, а како повод ќе се користи евентуалната одлука на Уставниот суд, кој кон крајот на овој месец ќе ја почне подготвителната седница на која повеќемина експерти ќе се произнесуваат за иницијативите со кои се оспорува Законот за јазиците.

– Али Ахмети вчера од Липково потврди: ДУИ подготвува бојкот на локалните избори! Истовремено, го призна она што одамна го тврдиме ние. Иницијативата за Законот за употреба на албанскиот јазик пред Уставниот суд е кукавичкото јајце на ДУИ, со кое сака политички да профитира предизвикувајќи му штета на Влен – велат од Вреди.

Реакцијата на коалицијата Вреди следуваше по изјавата на лидерот на ДУИ, Ахмети, кој повика Албанците да се мобилизираат за прашањето за Законот за јазиците и рече дека одржувањето на локалните избори ќе се стави под прашалник.

– Доколку се чепне Законот за јазиците, нема локални избори и не може да се постават кутии за одржување на локалните избори. Законот за јазиците не е закон на ДУИ, туку е закон и на сите оние што ќе се родат додека има изгрејсонце. Затоа, секој Албанец треба да се бори за Законот за јазиците и да не го политизира и проблематизира – изјави Ахмети.

Ахмети и ДУИ бараат заедно со локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни, бидејќи го оспоруваат легитимитетот на Вреди, затоа што, како што велат, оваа коалиција влегла во Владата иако не победила на последните парламентарни избори, што беше случај во македонскиот политички блок кога СДСМ и ДУИ формираа Влада. (В.С.Н.)

 

ИЗДВОЕНИ