Ако по утрото денот се познава , се чини дека според новиот парламентарен состав на опозицијaта, власта спроти себе ќе има „ќутолози” и една комотна ситуација. Но, дали оваа слика ќе се смени во стилот на “првите мачиња во вода се фрлаат”, па во парламентот ќе следуваат турбуленции во смисла на менување на дресови и преминување од пратенички столчиња на опозицијата кон пратеничката група на власта, е прашање за кое деновиве се погласно се говори во јавноста.  Дилемите се наметнаа откако на денот на конституирањето на Парламентот, пратеничката група на СДСМ, која со коалицијата на изборите освои 18 мандати, а значаен дел од нив им припаднаа на истакнати функционери на СДСМ, уста не отвори околу потегот на новиот собраниски спикер Африм Гаши, кој во првото обраќање го користеше албанскиот јазик. Тоа предизвика лавина реакции, пред сè од сопартијците на СДСМ, но отвори и прашања во јавноста како оваа пратеничка група ќе дејствува во парламентот особено каква ќе биде конекцијата со новото раководство на СДСМ и новиот лидер кој ќе се бира на 30 јуни. Во меѓувреме, од вчера, дел од освоените мандати на СДСМ и коалицијата почнаа и да се осипуваат со одлуката на ЛДП во парламентот да дејствува како независна пратеничка група.

Иако моменталниот развој на настаните, се чини, дека најмногу на рака и оди на власта, аналитичарите велат дека тоа не значи дека власта уште сега може да отвори шампањ и да очекува да има лежерна позиција на политичката сцена.

Пратеничката група на СДСМ е најмала во историјата на партијата и во моментот има сè на сè, 17 пратеници, без Моника Зајкова од ЛДП, но Алберт Муслиу за весникот ВЕЧЕР изјави дека иако СДСМ не се задоволни со изборниот резултат тие може да го сочуваат својот парламентарен статус и на власта да не ѝ дадат ниту една секунда да се опушти.Вели дека тоа што СДСМ  никогаш немале помал број пратеници е факт, но дополнува дека факт е дека и Левица имаше само двајца пратеници, па беа прилично видливи и гласни во Парламентот.

– Тоа значи дека сè зависи од пратениците и колку тие ќе бидат креативни и колку ќе бидат активни во Парламентот, вели Муслиу.

Сепак, на почетокот од работата на новата власт, Муслиу вели дека не треба да се очекува уште веднаш СДСМ да биде „страв и трепет” за новата влада и дека очекува во наредниот период додека течат 100 дена од новата влада СДСМ да го искористи тој период да се посвети на осмислување на правецот на натамошното дејствување и за тоа кои ќе има бидат првите чекори откако ќе заврши изборот на ново раководство што им претстои, а дури потоа да ја почнат и битката против власта.

-Тие имаат избор за претседател за еден месеци и верувам дека повеќе ќе се сконцентрираат на тоа отколку да ѝ парираат на новата влада од старт . Впрочем, 100 дена секако им се авансно дадени на сите нови влади. Така што очекувам повеќе да се бават со внатрешната организација, со изнаоѓање на нови цели и визии и да го подигнат малку моралот отколку што ќе се бават со новата влада, изјави Муслиу.  Деновиве во јавноста се појавија информации дека од 18 мандати колку што освоија  СДСМ и коалицијата на избори, 15 или 14 се пратеници на СДСМ, а другите се на коалициските партнери.

Аналитичарот Петар Арсовски за весникот ВЕЧЕР вели дека на СДСМ  освен ЛДП може да ѝ свртат грб и другите коалиции што се собраа околу партијата за изборите, но дека не очекува раситнување на членовите на СДСМ или разединувања во партијата, иако како што дополнува рано е да се зборува за тоа и дека  многу работи ќе зависат  од случувањата на претстојниот избор на новото раководство.

-Мислам дека членовите  на СДСМ ќе опстојат во парламентарната група. Толку е мал бројот на членови на СДСМ кои влегоа во Парламентот, така што тоа се сè раководни функционери на партијата и не верувам дека тие ќе ѝ свртат грб на партијата. Но, коалициските партнери, да, секако тие ќе си бараат политичка стратегија независно од СДСМ. А, како ќе функционира тоа понатаму, ќе зависи од внатрешната динамика на СДСМ. Ако се смени раководството не верувам дека ќе дојде до некаков отворен конфликт, но или ќе се сменат пратениците со оставки или новите пратеници ќе се приклучат на новата стратегија на новото раководство на СДСМ, а тоа засега не може да се предвиди, вели Арсовски.

Инаку, ништо подобра не е состојбата и во ДУИ каде што врие и од каде што најавуваат дека ќе претстои жешко политичко лето. Оттаму не кажуваат детали како ќе дејствува партијата која освои 18 мандати, но не влезе во разговорите со Христијан Мицкоски за состав на новата Влада.

Крешник Бектеши, член на ДУИ и министер за економија, вчера најави дека лидерот на партијата, Али Ахмети, до крајот на неделата ќе ги обелодени чекорите што ќе бидат преземени, а тој засега само најави дека ќе се преземат  демократски механизми за заштита на легитимитетот на Албанците.

Во моментот приоритетно за ДУИ, според Арсовски е дали тие ќе го задржат бројот на освоени мандати. Според него, без ова тие нема да може да работат на нивната стратегија што ја најавуваат, а тоа да го спасуваат легитимитет на Охридскиот договор за кој велат дека е нарушен.

-Најнапред битно е со колку пратеници ДУИ по сите комбинаторики ќе остане во Собранието. Во моментот тие имаат 18 пратеници но двајца да преминат во Вреди, двете коалиции ќе се изедначат и ќе имаат по 16 пратеници. Прв предуслов да ја тераат стратегијата е да останат посилни од Вреди кои имаат 14 пратеници. За да зборуваат  дека е злоупотребена волјата на Албанците тие треба да се помногубројни во однос на другите, така што тоа е прв услов за евентуална нивна радикализација при дејствувањето понатаму, вели Арсовски.

Инаку, Изет Меџити од коалицијата Вреди, деновиве во повеќе наврати објави дека се зголемува новото мнозинство со уште три-четворица пратеници од Европскиот фронт предводен од ДУИ и спомна дека се работи за пратеници од двете турски партии, но оттаму  веднаш ги демантира таквите наводи.

(М.С.)