Опозициската СДСМ денеска избира нов партиски претседател, а актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е единствена партија којашто Претседателот го избира на непосредни, внатрепартиски избори“, се наведува во објавата на опозициската партија.
Изборите ќе се спроведат во општинските организации на СДСМ ширум републиката на 78 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 20 часот.
Централната изборна комисија (на партијата) го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој активно регистрирани се 22.717 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и се што е потребно за изборниот ден.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков револт кај членството што не се пријавил никој друг кандидат, Филипче истакна дека немало и смета дека тоа е одраз на консолидацијата на партиското членство на кое што тој, како што рече, интензивно работел во изминатиов период.
-Не, напротив. Сметам дека тоа е одраз на консолидацијата на партиското членство на кое што јас интензивно работев во изминатите девет месеци. Веќе се пријавени поголем број на гласачи, се регистрираа за гласање отколку во претходниот циклус. И тоа што имаме интензивни средби на ниво на сите општински организации и состаноци на кои доаѓаат огромен број на членови кои до пред некое време едноставно покажувајќи револт не се појавуваа на тие состаноци, а сега се присутни, присуствуваат, сугерираат, учествуваат во процесот на градење на политики. Тоа за мене е само еден знак дека консолидацијата е веќе настаната и ние продолжуваме во следниот период да се спремаме за локалните избори кои што ќе дојдат наесен, рече Филипче.