СДСМ бара оставки за кризата со лекови на Онкологија

68

Продолжуваат партиските препукувања за кризата со лекови на Клиниката за онкологија. СДСМ на прес-конференција побараа оставки од директорите на Клиниката за онкологија, од директорот на Фондот за здравство и од министерот Таравари, за хуманитарната катастрофа настаната со недостигот од лекови за пациентите болни од рак.

-Неприфатливи се какви било изговори или оправдувања од власта за некакви административни процедури, зголемен број пациенти, непланирано вклучување, промени во набавките, недоволен буџет. Факт е дека не си ја завршиле работата за којашто се платени. Не бил преземен соодветен план за навремена набавка на лековите, не бил направен систем, не бил направен регистар и животите на онколошките пациенти се доведени во опасност, изјави Белкиса Зеќири од СДСМ и побара власта да се откаже од расипничките политики, да преземе системски мерки за обезбедување на потребната терапија за сите пациенти, издржан план за набавки, регистар, итно зголемување на здравствениот кадар и подобрување на условите на Клиниката.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за ситуацијата ја обвинија веледрогеријата „Д-р Пановски“, која досега, според партијата, земала 35 милиони евра преку тендери од Онкологија. Пратеникот Миле Лефков го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да каже јавно дали ја поддржува оваа веледрогерија во кризата што ја правеле, потсетувајќи дека ќерката на сопственикот беше директорски избор на Венко Филипче во време кога беше министер за здравство.

-Годишно во просек оваа веледрогерија, блиска до Венко Филипче, од Онкологија земала над 12 милиони евра тендери. Онкологија и државата се заложници на оваа веледрогерија со огромни профити, која креира вештачки кризи секоја година“, изјави Лефков.

Веледрогеријата „Пановски“ реагираше на обвинувања, од ВМРО-ДПМНЕ  порачуваат дека ваквите напади од страна на владејачката партија, чија Владата има неплатени долгови кон нив, ги сфаќаат како закана и загрозување на принципот „слобода на пазарот“.

-Апсолутна невистина се обвинувањата дека АД „Д-р Пановски“  ја диктира ценовната политика на лековите и со тоа наводно го уценува јавното здравство со високи цени за онколошка терапија. Законот за формирање на цени на лекови е донесен во 2007 година и со него се регулира начинот на формирање на цените на лековите, каде што јасно стои дека одговорни за методологијата за формирање на цени се Министерството за здравство и одделот за формирање на цени на лекови при министерството, стои во реакцијата на веледрогеријата.

Здравствените власти недостатокот од лекови на Клиниката за онкологија го објаснуваат со зголемување на бројот на пациенти заболени од карцином и планирањето на набавките на лековите. Од клиниката велат дека на фондот му стојат на располагање за регистар на биолошка терапија заради поголема транспарентност, откако директорот Клековски, пак, претходно тврдеше, тие одбивале да направат регистар.

– Додека нема скрининг програми што се функционални во практиката, а не само на хартија, бројот на пациенти со напредната – метастатска болест само ќе се зголемува, следната година се очекува поголем број на пациенти. Исто така, стручниот колегиум е на мислење дека регистарот за рак ќе остане нефункционален додека не се обезбеди соодветен кадар – оддел, за континуирано ажурирање на податоците, со оглед на обемот на работа во овој сегмент и преоптовареност на постојниот персонал на клиниката, кој и покрај недостигот со што се соочуваме, пружа натчовечки напори за третман и нега на нашите пациенти. Исто така, постои нефункционалност на сите останати онколошки одделенија на територија на државата, а истите имаат одреден кадар и просторни можности, предупредија од  Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

Дека нема терапија повеќе од една недела се пожалија пациентите преку нивното здружение. ФЗО и Клиниката последните денови си ја префрлуваат топката за тоа кој е одговорен, за тоа што пациентите со тешки форми на карцином останаа без лекови. Откако директорот Клековски обвини дека државата не знае колку онколошки пациенти има и кои лекови им се потребни, од Онкологија тврдат дека тие водат евиденција за тоа колку лекови се потребни за постојните пациенти на Клиниката, колкав е протокот на пациентите низ Клиниката, како и за закажаните прегледи преку „Мој термин“. Од Клиниката апелираа ФЗО да направи тендер за лекови според реалните потреби наместо да се набавуваат лекови постари од 20 години за кои веќе има иновативна и современа замена, а генеричките, односно постарите лекови да се стават на позитивната листа.  Надминување на кризата вети министерот за здравство за веќе од следната недела. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ