“Медена земја” во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови “Санденс“ во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет.
“Гласините кои се ширеа на ‘Санденс’ за македонскиот документарец ‘Медена земја’ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде”, кажа познатиот филмски критичар Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал” по проекцијата која се случи на 28 јануари во во Јута, САД
“Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините кои се ширеа на ‘Санден’ за македонскиот документарец ‘Медена земја’ се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде”, кажа познатиот филмски критичар Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“ (Screen International) по премиерата на „Медена земја“ („Honeyland“), која се случи на 28 јануари во во Јута, САД, во рамки на филмскиот фестивал „Санденс“ („Sundance“), основан од холивудскиот актер Роберт Редфорд.
Ова е само дел од низа позитивни критики кои македонскиот документарец ги доби веднаш по прикажувањето, кое пак, беше наградено со овации, одушевување и долг аплауз.
Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ , пак, напиша: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, а да не зборуваме за работата на Одделот за внатрешни работи на Трамп, „Медена земја“ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.
Позитивни коментари за македонскиот документарец имаа и Крис О’Фалт од “Индивајр”, Ерик Хајнс од “Филм комент#, Соња Епштајн од “Слоан сајанс енд филм”.
Според еден од организаторите на “Санденс”, ова е еден од ретките документарци на фестивалот, воопшто, на кој целата публика останала на „прашања и одговори“ по филмот”.
Во конкуренција со уште 11 филмови од целиот свет
Инаку, “Медена земја” во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови “Санденс” во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет. Покрај режисерите, на премиерата на “Санденс# присуствуваа и продуцентот и монтажер на филмот, Атанас Георгиев, и снимателите Фејми Даут и Самир Љума. Веднаш по премиерата беше организиран и промотивен настан за “Медена земја” во Парк Сити, на којшто беше дегустиран автентичниот мед, собран од Атиџе – главниот протагонист во филмот.
На Санденс фестивалот, најголем американски фестивал на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција, кој се одржува од 24 јануари до 3 февруари, ќе следуваат уште шест проекции на македонскиот документарец (четири во Парк Сити и две во Солт Лејк Сити).
Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ и токму поради тоа е од големо значење за македонската кинематографија.
Македонската публика ќе има можност да го види филмот на премиерата во Скопје што ќе се одржи на почетокот на март, а ќе биде прикажан и на значајни фестивали низ светот.
Атиџе – последната жена одгледувач на диви пчели во Европа
“Медена земја” раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Зад музиката на “Медена земја” стојат членовите на групата “Фолтин”, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од “ДБ Студиос” од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на “Аполо медиа” и “Трис филмс”, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), координиран од “Фармахем#, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.