EPA/Carmen Jaspersen

Познатиот Формула 1 возач, Михаел Шумахер, пред речиси 11 години доживеа несреќа на скијање на француските Алпи и оттогаш ништо не се знае за него. Семејството ја крие неговата здравствена состојба, но се претпоставува дека не е добро, бидејќи долго време беше во кома, а имаше и разни шпекулации дека не може да комуницира, дека живее речиси како растение…

Сепак, по речиси 11 години, конечно пристигна добра вест во семејството. Неговата ќерка Џина Марија, која летово се омажи во Мајорка, каде што меѓу гостите наводно бил и гордиот татко Михаел, потврди дека е бремена.

Така Михаел Шумахер следната година ќе стане дедо, што, секако, е прекрасна вест за целото семејство, кое помина многу лошо во последната деценија и моментално води правна битка за уцени.

Џина Марија професионално се занимаваше со јавање коњи, па нејзината објава е поврзана со нејзината најголема љубов – коњите. Така, на фотографијата се гледа пони, со розови балони и чизми за јавање и со порака: „Многу се радувам за доаѓањето на нашето девојче“.

На 29 декември 2013 година, познатиот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер, имаше страшна несреќа на скијање на Алпите. Удри со главата во карпа и итно беше префрлен во болница, каде што лекарите успеаја да му го спасат животот, но беше во кома. Оттогаш никој не го има видено во јавноста и не се знае речиси ништо за неговата здравствена состојба.

  • Михаел не зборува, комуницира со очите и само тројца луѓе смеат да го видат, а јас знам кои се тие. Тие се преселија во Шпанија. Неговата сопруга му изгради болница во самата куќа – изјави Елизабета Грегорачи, поранешната сопруга на познатиот Флавио Бријаторе, во интервју пред неколку години.

Од друга страна, семејството речиси никогаш не зборува за Михаел јавно и само неколкумина пријатели можеа да го посетат.

  • Михаел ми е голем пријател, го сметам за дел од семејството. Редовно го посетувам – истакна своевремено и Жан Тод, неговиот поранешен шеф во Ферари, кој не сакаше да зборува за неговото здравје.

Тој рече:

  • Тоа е нивна приватна работа. Единствено ќе кажам дека им се восхитувам, но мора да ја почитуваме нивната приватност.

ИЗДВОЕНИ