Членот на саудиското Советодавно собрание Шура, Јусеф бин Трад Ал-Садун, го критикуваше предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците од Појасот Газа, сугерирајќи дека преселувањето на Израелците на Алјаска и Гренланд би било подобро решение за стабилноста на Блискиот Исток.
Трамп предложи преселување на Палестинците од Газа, тврдејќи дека ќе спроведе извонреден план за реконструкција и за претворање на енклавата во „ривиера на Блискиот Исток“.
По забелешките на Трамп, кои беа критикувани од многу земји, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот иронично сугерираше дека Палестинците треба да основаат своја држава во Саудиска Арабија наместо во нивната татковина, отфрлајќи секаква идеја за палестински суверенитет.
„Саудијците можат да создадат палестинска држава во Саудиска Арабија. Тие имаат многу земја таму“, рече Нетанјаху.
Ал-Садун, ги повика Палестинците да останат обединети. Тој предупреди дека допрва следуваат тешки денови, а одговори и на предлозите на Трамп.
„Ако Трамп навистина сака да биде херој на мирот и да постигне стабилност и просперитет за Блискиот Исток, тој треба да ги пресели своите сакани Израелци во државата Алјаска, а потоа на Гренланд, откако ќе ја преземе власта“, рече Ал-Садун во написот за саудискиот весник Оказ во петокот.
Ал-Садун, исто така, го отфрли повикот на Нетанјаху за формирање на палестинска држава на саудиска територија. „Ционистите и нивните сојузници мора да сфатат дека нема да успеат да го заробат саудиското раководство во медиумски стапици и лажни политички притисоци“, рече тој.
Саудискиот совет Шура, чии членови ги именува кралот, ги советува властите во земјата за политиката и законодавството, но нема законодавна моќ. Се фокусира на законите, економските планови и социјалните политики.