Саудиска Арабија формираше глобален сојуз кој ќе се залага за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт, изјави денеска саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Алијансата вклучува неколку арапски и муслимански земји, како и европски партнери, пренесува саудиската државна агенција, без да прецизира кои земји ветиле дека ќе се приклучат на иницијативата.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на платформата Х изјави дека првите состаноци на алијансата ќе се одржат во Ријад и во Брисел.
„Имплементацијата на решение за две држави е најдоброто решение за ставање крај на насилството и страдањето и за нова реалност во која целиот регион, вклучително и Израел, ќе уживаат безбедност и соживот“, рече Бин Фархан, наведува агенцијата.
Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман минатата недела изјави дека кралството нема да го признае Израел без палестинска држава и остро ги осуди „злосторствата на израелската окупација“ врз палестинскиот народ.