Сашо Дранго ќе биде разрешен доколку се потврди дека ја застрелал мечката

36

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе следува одговорност за заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, ако се утврди дека тој ја застрелал мечката со која се фотографирал во декември.

– Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде итно разрешен. Таквите девијантни однесувања, доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам – потенцираше Мицкоски.

Невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“, минатата недела, објави дека заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, се фотографирал со мечка, носејќи пушка со снајперски нишан, поради што тврдат дека ја застрелал во декември 2024 година.

Од „Анима мунди“ посочија дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита и нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането, за што е предвидена и затворска казна. Од невладината организација најавија дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго и очекуваат негово разрешување од функцијата.

По објавата на „Анима мунди“, заменик-директорот на „Македонија пат“, во изјава за една национална телевизија, кажа дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа. Дранго и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола – Ресен, по што тој се сликал со неа. Тој уверува и дека во полициската станица во Битола има записник за инцидентот, но оттаму негираа дека има пријава.

Од Основното јавно обвинителство од Битола изјавија дека ќе отворат предмет за случајот со мечката.

 

ИЗДВОЕНИ