Саша Поповиќ, кралот на балканската естрада, замина во вечноста  – човекот кој и македонските пејачи ги вивна во ѕвездите  

3605

Многу ги има, можеби сите нема да ги спомнеме, нека не се лутат, но еве кои се тие некои од Македонија: Александар Јосифовски, Мики Секуловски, Андријана Петрушовска, Филип Божиновски, Стефан Величковски, Адам Лабунски, Славица Ангелова, Гоце-Чоки Бошковски, Александар Темелков, Огнен Здравковски, Филип Пецовски, Сања Тодоровиќ, Ален Хасановиќ, Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски, Елена Миленковска…

 Да не беше тој, Александар Саша Поповиќ и да не беа неговите ултрапопуларни „Ѕвездите на Гранд“, којзнае дали некогаш воопшто анонимните македонски пејачи ќе беа тоа што се денес? А, тие се не само популарни, туку и убаво живеат од своето пеење. Самите тоа го признаваат. Многу ги има, можеби сите нема да ги спомнеме, нека не се лутат, но еве кои се тие некои од нив: Александар Јосифовски, Мики Секуловски, Андријана Петрушовска, Филип Божиновски, Стефан Величковски, Адам Лабунски, Славица Ангелова, Александар Темелков, Огнен Здравковски, Филип Пецовски, Сања Тодоровиќ, Ален Хасановиќ, Мартинијан Кириловски, Марио Арангеловски, Елена Миленковска, Гоце-Чоки Бошковски….

Збогувањето од Саша се случи во Белград, најнапред пред плато на црквата „Свети Тома“, а некој час подоцна и на самите гробишта. Уште додека беше жив и беше свесен дека крајот му се ближи, тој изрази желба да не биде погребан во Алејата на заслужни граѓани. Самиот се сметаше за обичен народен човек кој му припаѓаше на својот народ, кој од него и направи естраден магионичар. Затоа неговото тело беше погребано на “Бежаниските гробишта“ меѓу обичните смртници.

Пред тоа, во белградскиот „Сава центар“ се одржа едночасовна комеморација на која говореа голем број блиски соработници на Поповиќ, како и неговите колеги од Телевизијата Гранд, Гранд-продукција и шоуто „Ѕвездите на Гранд“. Во чест на неговиот лик и дело, додека ковчегот се спушташе во црната земја, се огласија црковниот хор и црковните камбани. Се испеа и опело од повеќе православни свештеници. Лелекот на неговата сопруга (пејачка) Сузана, синот и ќерката и најсилниот камен го претворија во море од солзи. Тешка емотивна тага и непребол.

Најпотресно збогување имаше евровизиската ѕвезда, пејачката Марија Шерифовиќ, која во „Ѕвездите на Гранд“ е дел од жирито: – Кога бев млада, те знаев како колега на мајка ми Верица Шерифовиќ, како дел од  „Слатки грев“, како десна рака на Лепа Брена, како професионалец… години подоцна, ти стана и мој колега, а всушност, најмногу сум горда затоа што ме сметаше за својата верна пријателка. На естрадата не познавам некој друг кој со толку страст ја живеел оваа наша ни малку лесна работа. Почивај во мир, другар мој, и верувај дека ќе останеш дел од мојата душа.

Естрадниот маг Саша Поповиќ помалку од една година водеше жестока битка со подмолната болест, ракот на желудникот. За болеста ниту тој самиот не знаеше, речиси цело време немаше никакви симптоми, си одеше на работа во „Ѕвездите на Гранд“ и се чувствуваше одлично. Сè до оној момент кога во  мај минатата година доживеа потешка незгода со ногата, поради која итно отиде на лекар. При прегледот се пожалил дека нешто чудно го болки во стомакот. Направени се нови најдетални прегледи кои го открија тоа најлошото. Канцерот!!!

Се лекуваше во најсовремена здравствена клиника во Париз каде што по девет месеци борба, почина во маки, на 1 март 2025 година. Во текот на својата успешна кариера Саша Поповиќ големи успеси имаше со мегапопуларната Лепа Брена, со која беше еден од основачите на групата „Слатки грех“. Пејачката на погребот беше сосема скршена од болка. На комеморацијата дојде во придружба на сопругот Бобан Живојиновиќ, кој ниту еден миг не ја оставаше сама, плашејќи се за нејзиното здравје, поради големиот стрес. Поповиќ пишуваше и хитови за многу пејачи, меѓу кои и за сопругата Сузана (Јовановиќ), а многу често парите кои ги имаше во изобилство ги даваше и за хуманитарни цели, за болни луѓе, за напуштени деца без родители.

Неговото физичко заминување го означува крајот на една музичка ера, но неговото музичко наследство ќе продолжи да ги инспирира и забавува идните генерации. Засега единствено останува отворено прашањето: што понатаму ќе се случува со популарното балканско шоу „Ѕвездите на Гранд“?

(Д.М.)  фото: Н. Николиќ (Курир.рс)

 

ИЗДВОЕНИ