САРА МЕЈС – ХАРФИСТКА, КАНТАВТОРКА, ПЕЈАЧКА, НОВОГОДИШНО ЗА ВЕСНИКОТ ВЕЧЕР: Да си го најдеме сопствениот мир, да си ги сакаме и чуваме земјата и воздухот!

2526
Празничниот период е секојпат поврзан со рефрени кои со текот на годините прераснуваат во незаборавни евергрини, а тоа на нашата музичка сцена може да се каже за песните на Сара Мејс, која веќе неколку години по ред заедно со Sarah Mace and the Girlzz“,  ги грее срцата на публиката исполнувајќи ги со претпразнична магија. По концертот во Битола и настапите во Штип и Крива Паланка, ќе може да ги чуеме за пречекот на Новата година и на плоштадот во Скопје, потоа на 1 јануари на плоштадот во Охрид, а на 10 јануари 2025 подготвуваат Божиќен хуманитарен концерт во Велес, заедно со Камерниот оркестар на Битола. Со толку многу разновидни проекти, се чини, дека оваа година ѝ минала додека да трепне, а сепак, резимирани во најзначајни точки изминативе 365 дена, во новогодишното издание на весникот ВЕЧЕР, ѝ остануваат трајни вредности за моќен скок во неограничени можности во следната 2025.

Марија САРЕВСКА ТОДОРОВСКА

Фото: Ѕвонко Плавевски

Се чини дека во изминативе десет години, како да нема и претпразничен период во кој Сара Мејс немала по една пригодна празнична песна, едноставно нејзиниот глас стана најочекуваната празнична музичка честитка. Затоа се случи некако природно изборот за насловното интервју во новогодишниот број на ВЕЧЕР да го направиме токму со Сара Мејс, харфистка, пејачка, кантавторка, која повеќе од една деценија не престанува пријатно да ја изненадува публиката со својот широк дијапазон на создавање и интерпретирање на музиката, во музички жанрови разновидни, колоритни, смели и провокативни како и нејзината природа.

Годината ја завршува традиционално, впрочем, како и изминативе неколку години, со своите девојки Ана Петановска, Калина Велковска и Теа Богатинова, односно со –„Sarah Mace and the Girlzz“, проект кој таа го основа пред 4 години, а со кои од година в година имаат сè повеќе настапи и концерти, репертоар, песни и остварени соработки, за што е особено среќна. Сè започнува во 2021 година со новогодишниот проект на Sarah Mace & the Christmas Girls, насловен како „A Cappella Christmas Carols“, со новата изведба на Santa Claus is coming to town, во оригинална акапела преработка со која создадоа вистинско празнично музичко изненадување, кое оттогаш шири празнична магија на сите нивни предновогодишни концерти, ама нема да останат само на тоа.

-Проектот започна како женски акапела квинтет кој изведува новогодишни песни. Од тука натаму продолживме да имаме и концерти со повеќе оркестри како Националниот џез- оркестар, Камерниот оркестар на Битола. Оваа година снимивме и песна соработка со нашиот великан Игор Џамбазов, „Ептен Љубовна”.

Настапите и концертите со Девојките и продолжуваат и понатаму, до самиот праг на претстојната година. Во последните денови од декември, по концертот во Битола и настапите во Штип и Крива Паланка, ќе пеат за пречекот на Новата година и на плоштадот во Скопје, и не застануваат тука, на првиот ден од новата година се на плоштадот во Охрид, а на 10 јануари 2025 подготвуваат Божиќен хуманитарен концерт во Велес, заедно со Камерниот оркестар на Битола.

Моќен старт на 2024, уште потрајна порака на финишот

Првата идеја со која професионално ѝ започнува 2024 година на Сара Мејс, која често се јавува и како комплетен автор на своите песни, е „Хероина”, создадена со замислата низ песна да се претстави борбата за она што го сакаме, еден вид неоткажување … ветер во грб за секоја жена, да ја пронајде убавината и силата во себе и да не се предава. Да се бори за она што смета дека е правилно, за она што смета дека е нејзино, за она што го сака.

– „Хероина“ се вгнезди во моето срце како едно силно жарче, на кое мислев постојано, го пеев, препевав по сто пати, па и преправав по сто пати (и текстот и мелодијата и хармонијата), додека не стигнам до финалната идеја за песната, појаснува Сара.

Потоа, заедно со Роберт Билбилов уште едно сто пати ја пеевме и кај него во студио, додека тој работеше максимално посветено на аранжманот и додека не стигнавме до финалниот звук на песната. Истото се случи и со режисерот Томислав Живковиќ, Љупка Андоновска и целиот тим кој работеше на видеоспотот, сите влегоа во оваа приказна со многу посветеност и љубов пред сè. Не беше мал проект секако, имавме вклучено околу 40 жени „Хероини” кои нè поддржаа, само видеото го снимавме 5 дена. Па така целиот проект вкупно го подготвувавме речиси цела пролет, но крајниот производ нè направи среќни и задоволни и нас, а и нашата драга публика на наше огромно задоволство. Таа ја дава најголемата награда за сработеното.

Во меѓувреме… не помалку моќно, не помалку посебно

Оваа година се случија и многу други убави работи на творечки план за Сара Мејс, како отворањето на „Скопје Тату шоу“(Skopje Tatoo Show), „со мојот одраз во огледало-мојата харфа, ќе рече таа.

Со харфата исто така настапивме со големиот светски виолинист Стефан Миленкович, заедно со оркестарот „Профундис“. Потоа, чествувањето на 30 години од Македонското библиско здружение, каде што таа ја доби возвишената задача да напише музика на келтска харфа за 150 псалм, на македонски јазик, а сепак блиска по звук до Давидовата харфа. – За истата композиција снимивме и видеоспот, кој ќе излезе во етерот на еден од најубавите празници по Бадник, открива таа. И, се разбира, цело време, помеѓу сите пригодни проекти, како професионална харфистка, вработена во Националната опера и балет, нејзиното професионално секојдневие дише низ нејзиниот „харфизам” во оркестарот, во балетските и оперските изведби на Македонската опера и балет, по потреба и во концертните изведби на Македонската филхармонија.

На глобалниот онлајн концерт по повод Светскиот ден на харфата, што се одбележа на 20 октомври, на настанот насловен како „Ворлд харп деј спешл“ (World Harp Day Specials), Сара Мејс, како претставничка од Македонија, настапи со изведба на композицијата „Donka of Macedonia“, инспирирана од популарната македонска изворна песна „Сербез Донка“. Настанот се одржа во рамките на одбележувањето 300 години од создавањето на харфата, со свои настапи се претставија најдобрите харфисти од светот, а целта на овогодишните изведувачи и композитори пак, беше да си ги претстават своите земји преку вметнување на својата традиција во делата кои ги изведуваат и на тој начин да го запознаат светот со својот фолклор. Во таа пригода Сара Мејс изработи и едиторијал наречен „Бели песоци“ (White Sands) посветен на „Donka of Macedonia“, во целост претставувајќи ја својата слобода на творење заедно со харфата, делчето што ја прави целосна во нејзиното изразување и постоење како уметник.

„Навистина љубовна“ свежина во етерот – предизвик и чест

Во претпоследниот месец од годината, кога се чини дека веќе се е завршено и преостануваат само празничните прослави и концерти, Сара Мејс неочекувано повторно пријатно ја изненади публиката овој пат со заеднички проект со Игор Џамбазов од кој се роди „Ептен љубовна“. Музиката и текстот се плод на креативноста на Џамбазов, изведени заедно со Сара Мејс и вокалниот состав The Girlzz, а аранжманот го направи Игор Атанасовски или Гуру Харе, кој додаде свои уникатни музички елементи, додека вокалниот аранжман за девојките е подготвен од Теа Богатинова, која внесе хармонија и изразност во нивните гласови. По објавата на спотот, реакциите и прифатеноста од публиката веќе е евидентна, како и нескриеното уживање на сите заслужни за сработеното да изгледа и звучи онака како што може да се види во видеозаписот, ама лично за Сара, да се соработува со великани од македонската музичка сцена како Џамбазов и Гуру Харе, е личен предизвик и чест.

– Оваа соработка беше многу голема радост за нас, пред сè, чест и задоволство. Од првиот момент кога Гуру Харе ми се јави да нè покани да бидеме гостинки со Девојките во песнава, моментот на аранжирање на вокалите и пробите со девојките, преку студио моментот и на крајот видеото каде што многу се забавувавме, открива таа.

Секогаш се бори за музиката што ја сака

Од концертни изведби, до приватни настапи, постојано можеме да ја видиме на сцената во најразновидни и жанровски и продукциски музички проекти, изборот е, секогаш, се чини заемен, вели таа.

–  Многу често се случува да имам чувство дека вистинската музика која треба да биде донесена од мене, сама го наоѓа патот до мене, но од друга страна, пак, има ситуации каде што одредени видови на музики пробале да стигнат до мене, а сум ги одбила категорично. Или обратно, се борам за онаа музика што ја сакам. Обично сум човек кој ги премислува работите, но одлуките за дали сакам или не сакам нешто во врска со музика, се многу брзи и фиксни, така што, поврзано е. Патиштата се трасираат до нас, но повторно ние одбираме по кој ќе тргнеме. Како и со сè во животот.

И низ сите музички остварувања со кои експериментирала досега, Сара Мејс покажува дека умее само на себе својствен начин, ексцентрично и уникатно да допре и актуелни теми, лични и колективни и да ги донесе со многу емоција, облагородени и со љубовта кон нејзините деца, кои откако се реализира ѝ како мајка, се нераздвоен дел од нејзината творечка инспирација. Кога денес размислува за мајчинството без двоумење ќе рече дека навистина ѝ го променило светогледот – истовремено правејќи да е попретпазлива, ама и поотворена и посочувствителна со сè околу себе.

– Ооо, мајчинството многу ме промени. Ме направи помудра, понесебична, поодговорна, поспремна брзо да реагирам во дадени ситуации, поснаодлива, поспособна, побогата со знаење на многу теми, особено медицина и спрејови за нос.

Со песната најдиректно пренесува, ама и си создава емоција

Ако песната е најдиректниот начин да се пренесе емоција, тоа дефинтивно ѝ успева на Сара Мејс. Музиката со која го започнува и завршува денот, обично не зависи од музичкиот стил во кој се изразува или се создава во моментот.

– Јас можам да почнам да слушам  Laufey или Ella Fitzgerald, па да префрлам на Vulfpeck или Knower, и да завршам со Корсаков или Шостакович. Освен во декември хе,хе, тогаш по дома слушаме Дин Мартин, Бубле, The Ronettes, Puppini Sisters.

За себе ќе рече дека не е од оние кои во пресрет на Нова година прават списоци  на новогодишни одлуки, ама затоа, си запишува желби и цели за во Новата.

Во Новата година Сара ќе си посака „да сме здрави и на број“, а на светот му посакува да нема бездомни луѓе…За македонските граѓани посакува „да си го најдеме сите сопствениот мир, повеќе да спортуваме, убава музика да консумираме, да си ја сакаме и чуваме земјата и воздухот…“.

ФРАН (шминка и стајлинг) и Хеирхаус (фризура)

Фотосесија: Рагуза 360-руфтоп

 

ИЗДВОЕНИ