Инспектори на Општина Центар денеска излегоа на терен, на Кејот „11 Октомври“ откако деновиве поголем дел од кафулињата на кејот „13 Ноември“ поради топлото време ги извадија масите и столовите на шеталиштето каде е забрането поставување летни тераси.
Маси и столови има дури меѓу клупите, па дури и врз шахти, со што всушност им се оновозможува на пешаците да седнат и да се одморат, а при тоа не мора тоа да го прават во кафеана.
Од Општина Центар одговорија дека по информациите од медиумите за узурпација на јавна површина, бил извршен вонреден инспекциски надзор на целиот кеј.
-Сите правни субјекти кои не постапуваат согласно елаборатот и одобрението за урбана опрема издадено од Град Скопје ќе бидат санкционирани. Надзорот продолжува и во останатите делови од општината, врз основа на предмети добиени по претставки од граѓаните – нагласија општинските власти.
Кафеанџиите кога го добија просторот за тераси пред објектите го затворија со стакло, па наместо тераси, станаа затворени објекти за да може да се пуши во нив. Сега сакаат да имаат маси и на отворено бидејќи терасите им се заградени, а гостите сакаат да седат надвор.
И лани кафеанџиите блокираа дел од кејот поради што беа казнети од Општина Центар. Но, само неколку дена откако беа казнети, тие пак си тераа по свое и продолжија да ги шират кафулињата на шеталиштето.
Откако кејот беше реновиран пред четири години во мандатот на ексградоначалникот Петре Шилегов, кафеанџиите добија дозвола да имаат тераси само пред објектите. Беше точно обележано до каде можат да се простираат и добија плус 3,5 метри од јавниот простор. Но, сега газдите не се задоволни од добиениот простор и сакаат да имаат маси и столови и на плочникот, како што беше пред реновирањето на кејот, кога цел плочник беше узурпиран од кафеани.
(А.П.) Фото: (Ѕ.П.)