Санирана опасната ограда на мостот „Гоце Делчев“

3324

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека откачената ограда на мостот „Гоце Делчев“ е веќе санирана. Тие ги демантираат информациите дека не сакале да издадат дозвола за да може јавното претпријатие „Улици и патишта“ да ги спроведе активностите.

– На 20.3.2025 година, од Град Скопје – ЈП „Улици и патишта“  е доставено барање до МВР на кое веќе следниот ден (21.03.2025 година) е позитивно одговорено, по што надлежното јавно претпријатие ја изврши санацијата на оградата од мостот – информираа од МВР.

На забелешката дека состојбата во која се наоѓа конструкцијата на заштитната ограда на мостот „Гоце Делчев“, кој е една од најфреквентните сообраќајници, е загрижувачка, односно дека таа е откачена на неколку места и дека со тоа се доведува во прашање безбедноста на многуте возачи што секојдневно минуваат со своите возила по него, но и на пешаците, од Град Скопје, кој е надлежен за одржувањето на овој мост, тогаш одговорија дека се запознаени со неговата состојба и дека се подготвуваат активности за санација.

– Во ноември 2024 година, беа изведени активности за санирање на одбојната ограда на мостот „Гоце Делчев“, која беше доведена во првобитната состојба, но во меѓувреме е настанато повторно оштетување од сообраќајни незгоди поради движење со неприспособена брзина, за што се неопходни активности за санкционирање – одговорија градските власти.

Тие додадоа дека екипите на ЈП „Улици и патишта“ се во подготовки за санација на одбојната ограда на мостот, за што се чека на согласност од МВР и од безбедносните служби.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ