Големиот дефект на магистралниот вод А во општина Центар, што поминува преку булеварот „Кочо Рацин“, на потегот помеѓу „Веро Центар“ и Олимписки базен и ги остави без парно греење зградите во околината на „Веро Центар“, е саниран и испораката на топлинска енергија продолжи попладнево без проблеми.
– Бидејќи се работеше за сериозни и исклучително сложени активности за санирање и отстранување на дефектот на магистралниот вод А во општина Центар, во следниот период будно ќе ја следиме состојбата на оваа чувствителна делница од топлификацискиот систем. Имено, при привршување на започнатите активности за санација на дефектот и при полнење топлификацискиот систем со зголемување на работниот притисок, се појавуваа нови пукнатини на цевководите што ја пролонгираа нормализацијата на испораката на топлинската енергија –појаснија од „ЕСМ-Снабдување“.
Оттаму додаваат дека нередовното одржувањето на старата инфраструктурна топлификациска мрежа која датира од средината на шеесеттите години на минатиот век, на територијата на Град Скопје, со која, од пред две години управува АД ЕСМ е причина за вакви чести истекувања на топла вода низ цевките.
– Tемелната санација на делницата од цевководот на булеварот „Кочо Рацин“, иако била нотирана и планирана, таа никогаш не е реализирана, поради што по завршување на оваа грејна сезона ќе се пристапи кон долгорочна санација – најавуваат од „ЕСМ-Снабдување“.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.
(А.П.)