Самоуслужните каси можат да ги намалат редиците во маркетите, но граѓаните сè уште не знаат како да ги користат. Од Организација на потрошувачи, за весникот ВЕЧЕР, велат дека овие каси малку ги има и не се користат масовно. За да почне помасовно да се употребуваат самоуслужните каси потребно е прво трговците да постават вакви каси на повеќе места, а потоа да ги обучат купувачите како да ги користат. Овие самоуслужни каси можат да се најдат во речиси сите маркети низ Америка, но и во Европа, а ги има и во повеќето трговски центри во продавниците за облека. Тука купувачите сами си ги отстрануваат заштитните аларми кои се закачени на облеката, сами ставаат пари по посебен автомат и сами си ја пакуваат облеката која ја купиле
Самоуслужните каси веќе функционираат во европските земји, кај нас сè уште ги нема, а онаму каде што се веќе поставени, купувачите не знаат да ги користат. За да почне помасовно да се употребуваат самоуслужните каси, потребно е прво трговците да постават вакви каси на повеќе места, а потоа да ги обучат купувачите како да ги користат. Од Организација на потрошувачи за весникот ВЕЧЕР велат дека во нашите трговски објекти треба да почне да се користи оваа нова технологија од што корист ќе имаат не само трговците, туку и граѓаните.
-Прво треба да се постават вакви каси, бидејќи кај нас многу малку ги има, а потоа да се обучат купувачите како да ги користат. Во европските и останатите земји од светот овие каси одамна се користат и граѓаните знаат како функционираат. Кај нас овој процес малку потешко оди, пред сè поради фактот што нема доволно вакви каси. Набавката на овие каси не е баш евтина и поради тоа може да влијаат на цената на производот, односно производите во маркетите или трговски објекти кои имаат поставено самоуслужни каси можат да бидат поскапи, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организација на потрошувачи.
Таа додава дека кај нас овие каси малку ги има и не се користат масовно. Според Лончар Велкова поставувањето на вакви каси може да придонесе да се намалат редиците пред касите, особено во маркетите кои работат и во недела.
-Треба да се користат на бензински пумпи каде што има голема фреквенција на туристи, како и во маркетите за да се намалат редиците на каса. Ова може да биде решение за оние кои за еден или два производи треба да чекаат долга редица на каса. Но, пред да се воведат овие каси треба да се види колку се спремни граѓаните да ги користат. Кај нас потешко се прифаќаат новите технолошки решенија, на граѓаните полесно им е да чекаат на каса отколку да научат како функционираат овие каси, појаснува Лончар-Велкова.
За разлика од кај нас во Европа, освен во маркети, на бензински пумпи, во трговски центри, продавници за облека ги има и на аеродромите.
Познавачите на состојбите на пазарот велат дека самоуслужните каси не само што ќе ги намалат редиците во трговските објекти и ќе придонесат и за намалување на бројот на работници кои се сè подефицитарни во трговијата.
-Развојот на новата технологија направи да се избегнат долгите редици на касите и да им се олесни работата на брзите каси, по чии пример се направени и самоуслужните каси. Овие каси функционираат по принципот на идентификација на бар кодовите кои се наоѓаат под производот. Обично тоа го прават вработените на касите во маркетите, но со оваа нова алатка тоа може да го направи секој купувач. Една од главните цели на овие каси е да се намалат долгите редици пред касите, да им се олесни работата на брзите каси, кои честопати знаат да бидат злоупотребени, како и да се редуцира бројот на вработени во продавниците, објаснуваат трговските експерт.
Овие самоуслужни каси може да се најдат во речиси сите маркети низ Америка, но и во Европа, а ги има и во повеќето трговски центри во продавниците за облека.
Тука купувачите сами си ги отстрануваат заштитните аларми кои се закачени на облеката, сами ставаат пари по посебен автомат и сами си ја пакуваат облеката која ја купиле.
За разлика од кај нас каде на прсти може да се избројат маркетите кои имаат поставено вакви самоуслужни каси, во соседна Србија вакви каси ги има во повеќе маркети.
Освен предностите, овие самоуслужни каси имаат и негативни страни. Се повеќе купувачите се жалат на самоуслужните каси, бидејќи се многу комплицирани за користење.
-Овие машини кои како за цел имаа да ги намалат долгите редици пред касите, се уште не се во функција како што беше очекувано. Дури 67 проценти од купувачите не успеале да ја искористат оваа нова технологија која воопшто и не им го олеснила животот на купувачите, покажува едно истражување направено во Европа.
Слична е ситуацијата и во Америка, каде што истражувањата покажуваат дека купувачите се незадоволни од начинот на нивното функционирање и овие каси сè уште не можат да ги заменат работниците кои работат на касите.
(С.Би.)