Самоуслужна автоперална во Карпош 2 доби забрана за работа од еден месец

856

Самоуслужна автоперална, која се наоѓа на булеварот „8 Септември“, на аголот, спроти СЦ „Борис Трајковски“, од инспектор за животна средина во Општина Карпош добил забрана за вршење на дејност – одржување и поправка на моторни возила во рок од 30 дена, откако било утврдено дека ги надминува максимално дозволените гранични вредности на бучава.

Инспекцискиот надзор е направен на 13.12.2024 година по пријава на граѓани, а неколкуте последователни мерења покажале дека гореспоменатиот правен субјект ги надминува максимално дозволените гранични вредности на бучава.

Оттаму додаваат дека на 30.12.2024 година, на правниот субјект му бил издаден прекршочен платен налог за сторен прекршок на правното и одговорното лице.

Бидејќи правниот субјект не ја прифатил постапката и не ги платил прекршочните налози, постапката целосно е препратена до надлежен орган за понатамошно разгледување и постапување, а општинскиот инспектор за животна средина на 31.12.2024 година донел Решение за забрана за вршење на дејност – одржување и поправка на моторни возила во рок од 30 дена.

– Инспекциските служби од Општина Карпош во рамки на своите должности и овластувања реагираа на овој начин, заштитувајќи ги правата на граѓаните кои беа изложени на прекумерна бучава, која го нарушуваше квалитетот на нивниот живот – велат од Општина Карпош.

 

 

ИЗДВОЕНИ