Одличен одѕив имало барањето на Општина Центар до управителите да достават информации за состојбата со противпожарната заштита, информираше градоначалникот Горан Герасимовски на работната средба со Секторот за инспекциски работи и голем дел од управителите на станбени и станбено-деловни објекти, како и претседатели на куќни совети.
Тој додаде дека е важно да се продолжи со меѓусебната соработка. – Само така можеме да обезбедиме безбедни згради за сите граѓани. Главен приоритет се ПП апаратите, проодноста на скалите и хидрантите. Ќе продолжиме да бараме системски решенија и соработка со ЗЕЛС и Дирекцијата за заштита и спасување – изјави Герасимовски.
На средбата било разговарано за предизвиците во делот на противпожарната заштита и одржувањето на фасадите.
Од општинската инспекција појаснуваат дека е потребна постојана и отворена комуникација со управителите.
– Доколку се забележат проблеми, особено заградени противпожарни скали, апелираме тие веднаш да се пријават. Ако објектот е небезбеден, градежен инспектор ќе излезе на терен, ќе состави записник и ќе донесе решение. Но, сè започнува со навремено пријавување. Контрола на сите згради во секое време е невозможна, затоа очекуваме одговорност и иницијатива од управителите – посочија инспекторите.
На средбата било нагласено дека постојат чести случаи на кражби и обивање на сандачињата со противпожарна опрема.
Управителите навеле дека вложуваат напори за заштита на системите и подобрување на состојбата во секоја зграда. И тие бараат под итно да се донесе системско и унифицирано решение за противпожарната заштита што ќе важи за сите локални самоуправи во државата.
Било разговарано и за проблемите со оштетени и небезбедни фасади, при што е најавено дека Општина Центар во април и мај ќе има нови повици за субвенционирање на санација на фасади, покриви и лифтови.