Само мисијата на „Аполо 11“ на Месечината била погледан ТВ-пренос од погребот на Тито – На чиј погреб имало најмногу луѓе?

67

Последна почит на папата Франциск во Ватикан му оддадоа 400.000 граѓани, верници, свештени лица, политичари, монарси, додека на погребот на папата Јован Павле Втори имало 300.000. Во Гинисовата книга на рекорди е влезен погребот на индискиот политичар Конјеварам Натарајан Анадурај – „големиот брат“, кој бил испратен од неверојатни 15 милиони почитувачи, а 10 милиони дошле на погребот на ајатолахот Хомеини

 

Реки луѓе се слеваа кон Ватикан по објавата за смртта на папата Франциск на велигденскиот понеделник. На погребот, пак, според процени на Министерството за внатрешни работи на Италија последна почит дошле да му оддадат 400.000 луѓе – од обични граѓани и верници, кардинали, свештеници, до високи државни делегации, предводени до претседатели на држави или премиери и неколку монарси. Само на церемонијата за пренесување на неговото тело во црквата „Свети Петар“ присуствувале 20.000 верници.

Погребот на папата Франциск по негово барање беше едноставен, но според посетеноста може да се смета за еден од најмасовните глобални медиумски покриени настани и веројатно е најпосетен погреб на папа досега.

На погребот на неговиот претходник, папата Бенедикт 16, во 2003 година според Си-ен-ен, дошле околу 50.000 луѓе, а на погребот на папата Јован Павле Втори, пак присуствувале околу 300.000 луѓе.

Но, во историјата се забележани и многу помасовно посетени погреби на познати личности. Убедливо најмногу луѓе дошле на погребот на нам малку познатиот индиски политичар Конјеварам Натарајан Анадурај – „големиот брат“. Тој починал во 1969 година, а неговиот погреб влегол во Гинисовата книга на рекорди како најмасовен, со неверојатна бројка од 15 милиони присутни.

Милионска посетеност имало и на погребот на основачот на Исламска Република Иран, ајатолахот Рухолах Хомеини. Повеќе од 10 милиони луѓе во поворка долга 32 километра го следеле неговиот ковчег.

Нешто помалку луѓе – седум милиони се регистрирани на погребот на американскиот претседател Абрахам Линколн, а египетскиот претседател Гамал Абдел Насер дошле да го испратат пет милиони.

На списокот на најмасовно посетени погреби се издвојува и оној на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Илјадници југословенски граѓани на 8 мај 1980 година, плачејќи го испратија до неговото вечно почивалиште во Куќата на цвеќето во Белград, а највисоките функционери од тоа време одеа во долга колона еден по друг. Но, за последно збогум со другарот Тито во Белград дојде и светската политичка елита – од британската челична лејди Маргарет Тачер, преку Моамер ел Гадафи, Садам Хусеин, Леонид Брежњев, Хелмут Шмит и многу други. Се проценува дека на погребот присуствувале околу 700.000 луѓе, меѓу нив и над 200 политичари од целиот свет. Поточно, на погребот на Тито присуствувале  вкупно 124 официјални државни делегации, 38 шефови на држави (кралеви и претседатели), пет принца, седум потпретседатели на републики, шест претседатели на парламенти, 10 претседатели на влади, тројца потпретседатели на влади, 12 министри за надворешни работи, 20 членови на влади и 21 државен функционер.

Погребот на Тито бил директно емитуван на телевизија во Југославија и во 16 други земји во светот, а во неколку земји потоа била емитувана целата снимка или поважни делови од погребот, па Евровизија го прогласи за втор најгледан настан во 20 век, веднаш по слетувањето на мисијата „Аполо 11“ на Месечината, во јули 1969 година.

-Погребите на Винстон Черчил и Шарл де Гол во смисла на величината и помпата биле многу слични на Титовиот, рекол Џефри Свејн, професор емеритус на Универзитетот во Глазгов и автор на биографија на Тито. Писателот и преведувач Иван Ивањи, пак, вели дека од разните извештаи може да се види дека на погребот на Тито имало најголем број странски делегации на високо ниво.

И денеска Куќата на цвеќето во белградско Дедиње, каде што Тито почива веќе 45 години е многу посетена, најмногу од луѓе од земјите создадени со распадот на Југославија. Во последно време одредени политички струи во Србија прават обиди гробот на Тито да се исели од Куќата на цвеќето во Белград и да се пренесе во Хрватска.

ИЗДВОЕНИ