Само Груби знае каде е Артан

НЕМА ПОЛИТИЧКИ АЗИЛ ЗА КРИМИНАЛ

401

Основниот кривичен суд Скопје вчера одлучи дека притворот од 30 дена за поранешниот прв вицепремиер од ДУИ, Артан Груби, останува и тој ќе важи од денот кога тој ќе биде достапен за органите на прогонот. Премиерот Христијан Мицкоски ја отфрли можноста поранешниот вицепремиер, Артан Груби, по кого распиша полицијата меѓународна потерница, а претходно беше ставен на црната листа на САД поради криминални активности, да добие политички азил во соседна земја.

– Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа, поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал, Обвинителството поведе истрага, а Судот, како што сум информиран, изрече мерка за претпазливост, односно притвор во времетраење од 30 дена. Така што тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал – одговори Мицкоски.

Освен изјавата на министерот за животна средина, Изет Меџити, дека Артан Груби се наоѓа во Албанија, засега нема официјална потврда каде е тој. Ниту од МВР ниту од довчерашната матична партија не знаат каде е Артан Груби, кому му се губи трагата на 15. овој месец, кога беше пуштен да премине на косовска територија преку граничниот премин Блаце. Неговиот сопартиец, Бујар Османи, во ТВ-интервју за „360 степени“ рече дека во ДУИ не знаат каде е, нагласи дека нема комуникација со него и дека нема информација дали поседува албанско државјанство.

– Можам да кажам, во име на партијата, дека разбираме дека не е лесна ситуацијата и ги разбираме фрустрациите и сомнежите на граѓаните во однос на политиката. Дури и нашата партија, на некој начин, е ставена на тест за интегритет. Морам да потенцирам дека постапките на поединци не може да дефинираат цела партија. Партијата се дефинира преку принципите и колективните одлуки. Не може да се најде нешто спорно кај ДУИ во однос на антикорупциската политика – изјави Османи и додаде дека негов личен став е оти згрешил што избегал.

Поранешниот министер за надворешни работи додаде:

– Требаше да остане, да се соочи со ситуацијата и да ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за постапките на своите 34 илјади членови.

И министерот за внатрешни, Панче Тошковски, изјави дека досега не е доставена официјална потврда до македонското МВР од ниту една земја во однос на тоа каде е Груби.

– Сакам да верувам дека она што се обелодени во јавноста дека ќе се врати затоа што е чист како солза и овие основани сомненија не се така како што ги толкуваат МВР и Обвинителството. Сакам да верувам дека таа изјава е во насока на некои приватни обврски – рече Тошковски.

На прашањето со која соседна држава разговараат откако излезе Изет Меџити со тврдењето дека е Артан Груби во Албанија, Тошковски, во интервју за телевизија „Телма“, беше дециден дека е објавена меѓународна потерница за предметното лице.

– Имаме комуникација со сите соседни држави, одлична е соработката со нивните министерства за внатрешни работи и досега не е доставена официјална потврда до македонското МВР – рече министерот.

Партиските препукувања за бегството и за криминалите за кои е осомничен поранешниот вицепремиер и висок функционер во ДУИ продолжуваат. Од СДСМ го прашуваат Тошковски зошто дозволил да избега Груби.

– ВМРО-ДПМНЕ треба да каже кои се политичкиот договор и цената за пуштањето на Груби? Зошто молчат ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски за тоа дека „случајно“ не работеле камерите, „случајно“ полицајците не знаеле кого треба да проверуваат, „случајно“ згрешил службеникот на границата, инаку кадар на Тошковски? – велат од СДСМ.

Од спротивниот табор, пак, му возвратија на СДСМ дека со години знаел за неговите криминали и му се приклучил во тоа.

– До последниот ден од власта на СДСМ и ДУИ, тиe беа соизвршители. СДСМ одеше на избори со надеж да направи влада и да продолжи да прави криминал со Груби. Во СДСМ ништо не е сменето, тоа се истите луѓе што молчеа додека крадеше Груби. И сега наместо од СДСМ да се извинат за криминалот што го приредија, тие секој ден измислуваат нови приказни – изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

По одлуката на Кривичниот суд да ја прифати предлог-мерката притвор од 30 дена, МВР распиша меѓународна потерница за осомничените Артан Груби и Перпарим Бајрами, осомничени за проневера во Државната лотарија, во висина од 8 милиони евра. (П.А.)