Доминацијата на Данска продолжува! Четвртото светско злато по ред од 2019 година е нешто што досега не е видено во светскиот ракомет, а „виновникот“ за овој успех се вика Николај Јакобсен.
Данскиот селектор, кој ја презеде репрезентацијата во 2017 година по дебаклот на Светското првенство кога Хансен и компанија беа елиминирани од Унгарија во осминафиналето, го освои своето петто злато.
Заедно со четирите светски титули, познато е дека Данците се актуелни олимписки шампиони од Париз. На листата на најуспешни селектори на сите времиња Јакобсен сега е осамен на третото место, но и единствен активен. Пред него се Клод Онеста и Бенгт Јохансон, а нема сомнеж дека оваа данска доминација ќе продолжи и дека Јакобсен многу брзо ќе може да стане најуспешниот стручњак на сите времиња…
Најуспешните пет тренери на сите времиња, по бројот на златни медали на Европски првенства, Светски првенства и Олимписки игри:
Клод Онеста (Франција) 8, Бенгт Јохансон (Шведска) 6, Николај Јакобсен (Данска) 5, Владимир Максимов (Русија) 4, Опреа Власе (Романија) 3, Анатолиј Евтушенко (СССР) 3.