– Оваа чуварска служба нема да се однесува само на игралиштата, урбаната опрема туку и ќе сигнализира доколку забележи незаконско постапување не само од физички туку и од правни лица – изјави за весникот ВЕЧЕР советникот во Советот на Општина Центар, Ненад Матевски.
Според него, основната цел на чуварската служба ќе биде активно да придонесува кон заштитата на јавното добро на Општина Центар, што подразбира надзор и заштита на урбаната опрема, вклучувајќи ги детските игралишта, парковиот мебел, спортските реквизити и другата опрема поставени на јавни површини, заштита на зелените површини и на растенијата со редовно следење на состојбата на парковите, тревниците, дрворедите и цветните леи, со цел превенција од нивно оштетување или уништување, информирање на надлежните служби доколку се забележат дејства што се спротивни на законските прописи или на општинските одлуки (како што се: вандализам, неовластено градење, загадување, несовесно користење на јавните површини и сл.)
Урбаната опрема и детските игралишта на територијата на Општина Центар, во последниов период, беа цел на вандализам, но и другите општини постојано се жалат на оштетување на катчињата за рекреирање и спортување. Поради уништувањето на игралиштата, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, побара зголемено присуство и на полицијата.
Воден од овие случувања, но и, како што вели, малиот број полицајци на терен и недоволниот број инспектори, советникот Ненад Матевски од СДСМ поднесе иницијатива до Советот на Општина Центар за формирање чуварска служба во рамките на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“.
– Оваа чуварска служба нема да се однесува само на игралиштата, урбаната опрема туку и ќе сигнализира доколку забележи незаконско постапување не само од физички туку и од правни лица – изјави Матевски за весникот ВЕЧЕР.
Во иницијативата која ќе биде на дневен ред на седницата на Советот на Општина Центар која ќе се одржи на 29 април, се наведува дека основната цел на чуварската служба ќе биде активно да придонесува кон заштита на јавното добро на општина Центар, што подразбира надзор и заштита на урбаната опрема, вклучувајќи ги детските игралишта, парковиот мебел, спортските реквизити и друга опрема поставени на јавни површини, заштита на зелените површини и растенијата со редовно следење на состојбата на парковите, тревниците, дрворедите и цветните леи, со цел превенција на нивно оштетување или уништување информирање на надлежните служби доколку се забележат дејствија кои се спротивни на законските прописи или општинските одлуки (како што се: вандализам, неовластено градење, загадување, несовесно користење на јавните површини и сл.).
Според Матевски, чуварската служба ќе биде организирана како мобилна служба со цел да обезбеди присуство и надзор во сите 17 урбани заедници на територијата на општина Центар.
Исто така, лицата што ќе бидат ангажирани во чуварската служба ќе мора да поминат соодветна обука, согласно со правилникот за работа што ќе биде изготвен од стручни лица. Програмата за обука, исто така, ќе биде изготвена од стручни лица од областа на безбедноста, комуналното уредување и правните прописи.
Во иницијативата се наведува дека чуварската служба ќе работи во корелација со постојните служби на Општина Центар, особено со општинскиот инспекторат и со полицијата, а нивната улога ќе биде превентивна и информативна, со цел да се зголеми чувството на безбедност и да се намалат случаите на оштетување на јавното добро.
Матевски истакна дека во Македонија постојат примери на чуварски служби во рамките на одредени јавни претпријатија, кои успешно придонесуваат кон заштитата на јавното добро.
– На пример, јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми, „Македонски шуми“, има организирана служба за надзор и заштита на шумските подрачја. Исто така, националните паркови „Маврово“ и „Пелистер“ имаат служби за надзор и заштита на природните богатства. Дополнително, во некои општини јавните комунални претпријатија имаат служби за обезбедување надзор на нивните објекти и инфраструктура – се нагласува во иницијативата.
Матевски вели дека очекува поддршка на иницијативата од сите советнички групи, што би значело голем исчекор кон постигнување некаков ред во заштитата на урбаната опрема и на реквизитите за чие постојано обновување се трошат општински пари, односно пари на граѓаните, кои би можеле да бидат наменети за други корисни работи за жителите на општината.
(А. П.)