Реконструкцијата на легендарната сала Работнички во Градскиот парк се одвива со полна пареа. Изминатата недела се демонтираше покривот и се поставува нов и нова фасада.
„Реконструкцијата се одвива според предвидената динамика. Во првата фаза до месец март планираме да поставиме нов покрив и фасада, како и комплетно реновирање на канцелариските простории каде што беа сместени спортските федерации. Новитет е тоа што ќе го прошириме теренот, ќе се постави нова еластична подлога и подно греење, а целиот простор ќе се климатизира. Ќе бидат поставени нови инсталации за електрична енергија, современо осветлување и водовод. Наместо досегашните бетонски клупи ќе поставиме 891 седиште“, информира градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Герасимовски, истакнува дека култната сала која е симболот на Скопје ќе биде реконструирана според највисоки стандарди за квалитет и согласно стандардите и процедурите на ФИБА.
Спортската сала Работнички ќе биде енергетски ефикасна со што значително ќе се намалат трошоците за енергија.
„Го враќаме сјајот на Работнички, покрај реконструкцијата на гледалиштето, предвидено е и обновување на туш кабините, поставување нова опрема, кошови и друга потребна инфраструктура“, вели Герасимовски.
Салата Работнички се реконструира за првпат по 50 години, а градоначалникот Горан Герасимовски е единствениот градоначалник од сите досегашни којшто ја враќа во живот оваа спортска сала која години наназад беше оставена да се распаѓа.