
Еден дел од фудбалските медиуми ја пласираа и информацијата дека летово ќе бидеме седоци на уште еден спектакуларен трансфер. Како што пишува шпанскиот „Diario SPORT“, египетскиот напаѓач Мохамед Салах знае дека нема да ја продолжи кариерата во Ливерпул и веќе стапил во контакт со челниците на Барселона преку својот агент и на нив им предложил да се пресели на „Ноу Камп“ како слободен играч.
Само за потцетување, 32-годишниот офанзивец има договор со „црвените“ до крајот на актуелната сезона, а во неколку наврати беше истакнато дека нема да има продолжување на соработката. Многу се зборуваше за тоа како Салах ќе се пресели во некој од саудиските клубови, а наводно Ал Хилал бил подготвен да му понуди најголема плата – околу 50 милиони евра годишно, што е значително повеќе од 15 мил. евра кои ги заработува во Ливерпул.
Проблемот на Салах во Барселона би можел да биде платата. Сè уште се свежи проблемите на каталонскиот гигант со регистрацијата на неколку играчи (најпознат е случајот на Дани Олмо) поради проблеми со исполнувањето на условите за финансиски фер-плеј на Ла Лига.
Според „Diario“, поради неодамнешната криза во Барселона, тие се многу поштедливи со давање нови договори и Египјанецот би можел да дојде само ако се согласи на „значително“ намалување на платата. Во случај тоа да не се случи, вели истиот извор, Салах ќе се обиде со една од другите опции во Европа бидејќи не сака да оди во Азија.
Салах ја игра сезоната од својот живот, на 29 првенствени натпревари постигна 27 гола и има дури 17 асистенции. Благодарение на таквиот ефект Ливерпул е на добар пат да ја освои шампионската титула. Во Лигата на шампионите на осум натпревари постигна три гола и четири пати асистираше.