Германецот Себастијан Фетел не беше многу во центарот на вниманието во последните месеци, но тоа не значи дека целосно ги прекина врските со Формула 1. Иако неговиот план да се натпреварува со Порше на 24 часа Ле Ман е ставен во мирување поради семејни причини, четирикратниот светски шампион се уште размислува за враќање во најбрзиот циркус на светот.
Во меѓувреме, Фетел се подготвува да се натпреварува на Трката на шампионите во Австралија на почетокот на март, каде заедно со Мик Шумахер ќе ги брани боите на Германија.
Според извори од странските весници блиски до него, Фетел се уште се чувствува доволно подготвен да се врати во Формула 1. За ова зборуваше во приватни разговори, посочувајќи дека Фернандо Алонсо (43) и Луис Хамилтон (40) се уште се активни, па не гледа причина зошто не може да најде нова работа.
Неговото заминување од Формула 1 на крајот на 2022 година не беше целосно доброволно – Астон Мартин не сакаше да го продолжи неговиот договор, а другите тимови не покажаа интерес да го доведат.
Германскиот ветеран ги понуди своите услуги и на Ауди, разговараше со Андреас Зајдл, но на крајот тимот од Инголштад реши да ангажира други возачи. И Ред Бул беше заинтересиран за него, но Хелмут Марко се спротивстави на оваа идеја.
- Себастијан сакаше да вози покрај Макс Верстапен, но немаше смисла, сакав да го заштитам. Макс дефинитивно ќе го победеше, а тоа ќе му наштетеше на неговиот углед. Не можев да дозволам тоа да се случи, изјави Марко за „F1-Insider“.
Скептичен е и поранешниот Ф1 возач Дејвид Култхард, кој смета дека Фетел не треба да бара нова улога во Формула 1.
- Тој треба да престане да сонува дека ќе биде брз по неколку години одмор. Стоперката не лаже. Тој веќе не беше на врвот на крајот од неговиот мандат во Астон Мартин, додаде Култхард.