„Сакаме чист воздух“ порачаа невладините организации

28

Со транспаренти на кои беше напишано: „Сакаме чист воздух“, „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Не за нови станови, да за чисти бели дробови“, „Од смогот не се гледа иднината“, „Нема AIR од ова“… невладините организации и здруженија, вчера, испратија пораки од протесниот марш против аерозагадувањето, организиран од „Зелен хуман град“. Тие побараа јавен, континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува, еколошко загревање на објектите како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут, решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и на велосипедите и подобро управување со отпадот

Со транспаренти на кои беше напишано: „Сакаме чист воздух“, „Воздухот ни е отров, власта ни е глува“, „Не за нови станови, да за чисти бели дробови“, „Од смогот не се гледа иднината“, „Нема AIR од ова“… невладините организации и здруженија, вчера, испратија пораки од протесниот марш против аерозагадувањето, организиран од „Зелен хуман град“.

Ним им се придружија и граѓани и сите заедно го започнаа маршот пред Министерството за животна средина и просторно планирање, кој продолжи, преку Собранието и Владата, до бараките на Град Скопје.

Тие побараа јавен, континуиран мониторинг на индустриските објекти за да се знае точно кој и како загадува, еколошко загревање на објектите како Детската клиника во Козле, која сè уште се загрева на мазут. Третото барање е решавање на автоцентричноста во градот, со приоритет на јавниот превоз и на велосипедите, а четвртото –подобро управување со отпадот, изјави Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Од „Зелен хуман град“ наведоа дека иако поминале речиси три недели од првиот протестен марш, кој се одржа на 10 декември, и нешто повеќе од две од испраќањето на нивните барања, нема никаков одговор од надлежните институции.

– Две недели од доставените барања, а одговор од институциите уште нема. Кому му служат? Без чист воздух, нема здравје! Без здравје, нема живот! Ги полниме болниците и ги оставаме своите пари по аптеките – нагласија од „Зелен хуман град“.

Во меѓувреме, партиите меѓусебно се обвинуваат за тоа кој е одговорен за загадениот воздух.

Опозицискиот СДСМ со забелешка дека и по шест месеци откако е власта во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, таа не презела одговорност и сериозни чекори и дека се оставени граѓаните сами на себе.

– Според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и на Велес дишат загаден воздух повеќе од три месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2.800 наши сограѓани. Овие податоци се алармантни и бараат нужна институционална акција, која досега изостанува. Каде се ветувањата на Мицкоски и на ВМОР-ДПМНЕ? Кога беа во опозиција, најавуваа една милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50 отсто. Тие ветувања се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не преземаат сериозни мерки туку дополнително ги намалуваат средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51 отсто, а во буџетот за 2025 година ги нема ни еколошките програми, кои се реализираа успешно, со години. Тоа е неодговорно и мора да се промени – изјави на прес-конференција потпретседателката на СДСМ и поранешна министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со тоа дека СДСМ за седум години не успеал да го намали загадувањето на воздухот ни еден процент.

– Седум години СДСМ не успеа да го намали загадувањето на воздухот ни еден процент. СДСМ, со својот криминален партнер – ДУИ, наместо да се занимаваше со намалување на загадувањето на воздухот, гледаше како повеќе да го наполни својот џеб. За разлика од нив, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, преку конкретни чекори, ќе се бори против загадувањето на воздухот. Некои од мерките се субвенции за инвертер клими, финансиска поддршка за еколошки технологии, пошумување и забрзана гасификација, како и иновативни решенија за одржлива иднина. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните и работи во нивни интерес – се наведува во реакцијата на владејачката партија.

Претходно, зелената партија ДОМ даде своја целосна поддршка за протестот.

– Игнорирањето на понудените мерки од протестот пред две седмици, од страна на повиканите институции, е показател за нивната несериозност кон борбата за чист воздух и преземањето итни мерки за справување со загадувањето. Уште еднаш ги повикуваме надлежните институции да покажат одговорност и да преземат конкретни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето – од промоција на обновливи извори на енергија и воведување енергетски ефикасни решенија до зајакнување на инспекциските контроли и казнување на загадувачите – се вели во соопштението на ДОМ.

Според податоците на УНИЦЕФ, 11,6 отсто од смртните случаи кај новороденчињата во земјава се поврзани со загадениот воздух, што значи дека секое деветто починато дете под една година го губи животот поради аерозагадувањето.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ