Атлетиката во Македонија, за жал, не е доволно застапена кај младите, кои, опкружени со дигиталната технологија, му посветуваат малку време на спортувањето. Бидејќи „кралицата на спортовите“ е многу добра за правилен раст и развој на човечкото тело, оваа приказна за едно младо момче е потсетување за младите да почнат да спортуваат, додека за наставниците по физичко воспитување – показател како навреме да го препознаат талентот кај учениците и со посветени тренинзи и заедничка работа да создаваат идни врвни спортисти.
Станува збор за единаесетгодишниот Максим Ангов, кој е ученик во петто одделение во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци, каде што професорот Тодор Анчев му предава физичко воспитување. Како Тодор така и сите членови на семејството му даваат огромна поддршка на Максим да продолжи да се занимава со спорт, поточно со атлетика. Најгласен и најстрастен поддржувач на Максим е неговиот дедо.
За малиот Максим Ангов, темпераментно момченце од југот на Македонија кое го привлече вниманието со одличните резултати на повеќе атлетски трки во земјава и во странство, прв пат пишувавме пред една година, кога го запознаа читателите на весникот ВЕЧЕР. Оттогаш тој вредно тренира, три пати неделно, со својот професор по физичко воспитување. Брз како ветер, побрз дури и од некои постари атлетичари, и оваа година има освоено голем број награди, кои се доволен повод за уште еден разговор со него.
– Максим, честитки за настапот во Солун. Дали си задоволен?
Многу, бидејќи минатата година, на таа трка, на 5 километри, имав време од 25 минути, додека оваа година успеав да истрчам побрзо за дури четири минути и со време од 21 минута се пласирав на 72. место во конкуренција на 7.000 натпреварувачи од најразлични возрасти. И мојот тренер, може да кажам, беше изненаден, бидејќи, како што ми рече, „за да истрча 5 километри за 21 минута, на некој повозрасен од тебе му требаат минимум од 6 до 12 месеци тренинг, а ти како од шега го направи тоа на оваа трка, и тоа на нерамна патека.
– На колку трки си учествувал досега, кога започна да тренираш и какви резултати постигна?
Имам учествувано на вкупно 15 трки. Десет пати го освоив првото место и четири пати бев втор. Бев победник во Врање во Србија, во Вегоритос, Ваптистис и Кукуш во Грција, а во Катерини, Нео Агионери и во Кукуш бев втор. Најдобар бев на трките во Македонија, во Гевгелија, Струга, Кавадарци и на други места. Речиси секаде се натпреварувам со учесници две-три години постари од мене.
НА СОЛУНСКИОТ ПОЛУМАРАТОН, НА 19 ОКТОМВРИ ГОДИНАВА, НА ТРКАТА НА 5 КИЛОМЕТРИ, ВО КОНКУРЕНЦИЈА НА 7.000 НАТПРЕВАРУВАЧИ, ТОЈ ГО ОСВОИ 72. МЕСТО!
– Кога започна твојата атлетска приказна?
Добро се сеќавам, имав само девет години кога првпат ја почувствував радоста што ја носи победата. Сѐ почна во 2022 година, кога наставникот по физичко образование Тодор Анчев нè пријави мене и уште неколку деца да трчаме на трката „November run 2022“ во Гевгелија, на еден километар. Јас уште тогаш ѝ реков на мајка ми дека ќе го освојам првото место. Така и се случи. Победив и тогаш кај мене се роди желбата за трчање, која, се надевам, никогаш нема да ме напушти.
– Како се чувствуваш кога ќе поминеш прв низ целта?
Кога ќе победам, мојата среќа е неизмерна, а кога ќе поминам низ целта, помислувам на мојот дедо, кој е мој најголем и најгласен навивач и поддржувач. Јас имам многу голема желба да трчам, ја сакам атлетиката, но и фудбалот, па ќе видиме за што ќе се решам во иднина, за атлетиката или за фудбалот. Како и да биде, одлуката ќе биде многу тешка, иако би сакал да продолжам со атлетиката.
– Најдобар си во трчање. Дали трпи училиштето поради атлетиката?
Не, никако. Спортот си е спорт, но моја главна обврска, сепак, е училиштето. Одличен ученик сум, се трудам, иако со вложување поголем напор, да ги завршам сите мои обврски и на училиште и на тренинзите, а наоѓам време и да си поиграм со другарите, на најблиското игралиште, каде што трчаме, играме фудбал, разговараме и се шегуваме.
– Член си на АК „7 Ноември“ од Гевгелија. Кои се идните твои планови, на твојот клуб и на твојот тренер, кој е твојот идол во трчањето?
Наредната трка е на мојата омилена патека, каде што ја започнав мојата атлетска кариера, во Гевгелија, на „November run 2024“, која ќе се одржи на 9 и 10 ноември. Секојдневно се подготвувам, затоа што го освоив првото место на последните две трки, морам да ја оправдам улогата на фаворит. Потоа нè чекаат трките во Врање во Србија и во соседна Грција. Инаку, мој идол од Македонија е атлетичарот Дарио Ивановски, кој оваа година ја претставуваше Македонија на Летните олимписки игри во Париз. (Љ.А)