Безбедноста на електронските комуникации во услови на забрзан развој на технологиите е во фокусот на годинешната регулаторна конференција на Меѓународната унија за телекомуникации што се одржува во Охрид. Директорот на Агенцијата за електронска комуникација, Јетон Акику, потенцира дека безбедносниот аспект на електронските комуникации најмногу ги засегнува поразвиените држави и тоа најмногу во комерцијална насока, но не е исклучена и мала земја како Македонија.

– Кај нас, како држава, сајбер-нападите се зголемија откако станавме членка на НАТО, што само по себе кажува дека реално кај нас таквите напади се политички. Како мала држава реално добро се справивме со тие напади, особено за време на изборната кампања. Имаше најави за зголемен број напади од политичка природа, како што впрочем и беше, но ситуацијата доволно добро беше изменаџирана – рече директорот на АЕК.

Тој нагласи дека во Република Македонија има најдобра 5-Г мрежа во регионот и меѓу најдобрите на континентот, со достигнати брзини на двата оператора од над еден мегабит во секунда и просек од околу 300 мегабити на целиот простор во државата.

Тонко Огуљен, претседавач со Европското тело за регулација на електронските комуникации и претседател на Советот на Хрватската агенција за мрежни активности, истакна дека регионот ги следи трендовите во областа на електронските комуникации, но реално малку доцни зад стандардите во Европа. Според него, тоа е логична последица од подоцниот старт во развојот на сферата и на реалните економски околности.

– Сите земји во моментов добро напредуваат. И Република Хрватска, која десет години е во ЕУ, сè уште не го има остварено европскиот просек во подрачјето на електронските комуникации – истакна Огуљен.  

Што се однесува на безбедноста на комуникациите, тој истакна дека се работи за комплексно прашање, со најразлични можности за закани и злоупотреби, притоа посочувајќи го поединецот како можеби најризичниот фактор во безбедносните предизвици.

– Независно колку и да се вложува во мрежната безбедност, доволно е некој да почувствува слаба точка, па залудни да се сите безбедносни препреки. Она што можеби најголем предизвик за кој сите говорат и интензивно размислуваат во моментов е примената на вештачката интелигенција во тие негативни насоки, од креирање лажни повици и лажни вести, па сè до генерирање закани. Порано за тоа беше потребно повеќе напор и време, сега тоа е олеснето, постојат стотици начини како да се собори мрежата. Останува како да се справиме со тоа, сметам дека за тоа ќе бидат потребни сè повеќе експерти, што пак, создава друг проблем оттаму што луѓето кои ќе ги научат вештините можат подобро да се продадат низ светот каде што се многу барани. Предизвикот е како нив да ги задржиме – рече Огуљен.