Одржливото авијациско гориво (SAF) успешно го помина тестирањето. За време на тестирањето, авиокомпанијата „Визер“ спроведе повеќе од 50 летови со своите авиони „Ербас“ користејќи мешавина од SAF и традиционалното гориво за авиони – керозин, според моделот на масовен баланс. Резултатите покажаа дека SAF може да ги намали емисиите на ЦО2 до 90% во споредба со традиционалниот керозин низ неговиот животен циклус.
Ова претставува клучен чекор кон декарбонизација на авијацијата, следејќи ја имплементацијата на легислативата Refuel EU која наложува минимален удел на SAF во летовите што заминуваат од аеродромите во ЕУ од 1 јануари 2025 година.
– Иницијативата ја покажа можноста за инкорпорирање на SAF во редовното работење и ги истакна областите за иден развој, вклучително и надградба на инфраструктурата и оптимизација на трошоците – велат од „Визер“.
Анкетата спроведена меѓу патниците за да ја измери нивната свесност и ставови кон авијацијата со низок јаглероден отпечаток, вклучувајќи одржливи авијациски горива, откри дека 71% од испитаниците веруваат во позитивното влијание на SAF за намалување на јаглеродниот отпечаток во авијациската индустрија, иако само 45% биле запознаени со него претходно. Шеесет и пет проценти од испитаниците би преферирале летови со пониски емисии, но 36% не се подготвени да платат дополнително.
Анкетата покажа дека иако многу учесници во анкетата размислуваат да ги променат своите навики за патување од еколошки причини, сè уште постои недостаток на свест кај патниците.
– Денес, САФ е достапен во мали количини, така што треба да ја зголемиме побарувачката и понудата и да го намалиме јазот во цената во споредба со традиционалното гориво. Согледувањата собрани во анкетата ја нагласуваат оваа потреба од перспектива на патниците и важноста на авијацискиот екосистем, вклучувајќи авиокомпании, аеродроми, регулатори и производители на гориво, да работат заедно за да донесат јасност и активно да ги вклучат патниците во напорите за декарбонизација. Ова бара колективен напор преку регулаторна усогласеност, поефикасни авиони и операции, и иницијативи за зголемување на свесноста кај патниците – изјави Џулиен Мejнхес, раководител на одделот за САФ и отстранување на јаглероден диоксид во „Ербас“.
(С.Бл.)