Соединетите Држави постигнаа договор со Украина и Русија за прекин на огнот во Црното Море и пауза во нападите врз енергетската инфраструктура. Вашингтон исто така, вети дека ќе бара укинување на некои финансиски санкции кон Москва.
Ова е епилогот од одвоените состаноци на тимот на американскиот претседател Доналд Трамп со претставниците на украинскиот Володимир Зеленски и рускиот Владимир Путин во неделата, понеделникот и вторникот. Ова се базира на изјави на официјални лица што ги цитираат медиумите. Заедничко соопштение со кое се потврдува дека е постигнат таков договор нема, а исто така, не е јасно кога и како тој би стапил во сила.
Кремљ објави дека Москва се согласила да обезбеди безбедна пловидба во Црното Море, под услов западните санкции против компаниите кои се занимаваат со извоз на земјоделски производи и ѓубрива да бидат укинати. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека Црноморскиот безбедносен договор има за цел да ја врати Москва на светските пазари на жито и ѓубрива, што ќе ѝ донесе профит и ќе обезбеди глобална безбедност на храната.
-Сакаме пазарот на жито и вештачки ѓубрива да биде предвидлив, така што никој не се обидува да не одврати од него. Сакаме да оствариме легитимни профити во фер конкуренција, рече Лавров.
Зеленски изјави дека прекинот на огнот во Црното Море и нападите врз енергетската инфраструктура стапуваат во сила веднаш и дека ќе побара од американскиот претседател да му даде оружје и да ја санкционира Русија доколку Москва го прекрши договорот. Тој рече дека Кремљ лаже дека бил договорен преки на санкциите.
– За жал, гледаме како Русите веќе почнаа да манипулираат. Тие веќе се обидуваат да ги искриват договорите и да ги измамат нашите посредници и целиот свет. Кремљ лаже кога вели дека договорот за Црното Море е поврзан со укинувањето на санкциите за Русија, изјави Зеленски.
Трамп призна дека Русија „игра на време“ и се обидува да го одложи постигнувањето на целосно примирје со Украина, но додаде дека Москва на крајот на краиштата сака да ја заври војната. За време на сослушувањето во Сенатот директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, рече дека украинскиот народ и украинската војска со години биле потценувани и дека се подготвени да се борат и голораки.
-Од разузнавачко гледиште уверен сум дека тие ќе се борат голораки ако мораат, ако немаат услови кои се прифатливи за траен мир, рече Ретклиф.
Претходно, на 11 овој месец во тристраните мировни разговори во Саудиска Арабија се договори ненапаѓање на енергетската инфраструктура и 30-дневен прекин на огнот, вклучувајќи ги и копнените операции, но ништо од тоа не беше ставено на хартија. Борбите не запреа. Руската државна агенција Тасс вчера јави дека во Белгородската област загинала воената репортерка на Канал 1, Ана Прокофјева, а снимателот Дмитриј Волков е повреден. Зеленски, пак, на мрежата „Икс“ објави дека Днипоро, Суми, Черкази и други области се под руски напад со дронови.