САД тргнаа на преговори за Украина без ЕУ додека Европјаните уште го бараат компасот

971

Целта на разговорите во Саудиска Арабија е да се договори средба помеѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимир Зеленски, изјави американскиот конгресмен Мајкл Мекол за време на Минхенската безбедносна конференција. На таа тема на Конференцита американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог „фрли бомба“. Тој рече дека Вашингтон, Москва и Киев ќе учествуваат во преговорите, а дека Европа не е поканета и додаде дека мировниот план за Украина може да биде завршен за неколку дена или недели. Поранешниот германски дипломат Волфганг Ишингер смета дека на Европа можеби и требал електрошок за да се разбуди и да стане поактивна

 

Додека Европската унија свикува итен состанок и размислува за специјален пратеник на за Украина, луѓето на американскиот претседател Доналд Трамп веќе тргнаа на турнеја низ Блискиот Исток, во чии рамки деновиве во план се и разговори со Русија за ставање крај на војната во Украина, кои би се одвивале во Саудиска Арабија.

Тридневната Минхенска безбедносна конференција што заврши вчера јасно ги потенцира разликите меѓу САД и ЕУ по прашањето на Украина, но и го откри антагонизмот меѓу двете администрации и слабостите и неподготвеноста за акција на Европа.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, планира да се сретне со руските преговарачи во наредните денови, откако вчера во Ерусалим со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху водеше разговори за следните чекори од примирјето во Газа.

Американските власти соопштија дека на разговорите со руските претставнцици е поканета и Украина, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека неговата земја не добила никаква покана. Вчера беше објавена информација и дека Рубио разговарал за мировните преговори со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и, според портпаролот на Стејт департментот, ја потврдил „решителноста на Трамп да најде решение за ставање крај на конфликтот во Украина“.

Се уште нема информации кој ќе ја претставува Русија на средбите, додека Рубио ќе придружуваат советникот за национална безбедност Мајк Волц и специјалниот претставник на САД за Блиски Исток, Стив Виткоф.

-Целта на разговорите во Саудиска Арабија е да се договори средба помеѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и Володимир Зеленски, изјави американскиот конгресмен Мајкл Мекол за време на Минхенската безбедносна конференција.

На таа тема на Конференцита американскиот специјален пратеник за Украина Кит Келог „фрли бомба“. Тој рече дека Вашингтон, Москва и Киев ќе учествуваат во преговорите, а дека Европа не е поканета и додаде дека мировниот план за Украина може да биде завршен за неколку дена или недели. По оваа негова изјава Франција почна разговори  со своите сојузници за можноста за одржување неформален состанок на европските лидери за Украина, а четворица европски дипломати вчера изјавија дека средбата најверојатно ќе се одржи в понеделник. На таа средба треба да се разговара за трошењето за одбраната и за други горливи теми кои беа отворени на конференцијата. „Бомбата“ на Келог одекна толку силно, што двајца европски лидери вчера изјавија дека на Европа и е потребен специјален пратеник за Украина, за да може  да одигра позначајна улога во мировните преговори.

-Ако можам да дадам еден предлог, мислам дека треба да направиме нешто слично на она што беше направено на Косово, рече финскиот претседател Александар Стуб, додавајќи дека тоа би и обезбедило место на Европа во преговорите и би покажало дека е дел од решението.

Украина  нема да биде последната цел на Владимир Путин, предупреди високиот воен офицер на НАТО, адмирал Ѓузепе Каво Драгоне, претседател на Воениот комитет на Алијанската. Тој ги повика европските сојузници да го удвојат производството на оружје и навреме да се подготват за можни конфликти.

-Историјата не учи дека на рускиот претседател не може да му се верува и дека Алијансата внимателно ќе го следи развојот на мировните преговори за Украина, рече тој за „Тајмс“ додавајќи дека и покрај потребата за поголем ангажман на своите членки, НАТО има доволно силни капацитети да ја надмине Русија во случај на ескалација на конфликтот, и конвенционално и нуклеарно.

Европските лидери се уште се во шок по телефонскиот разговор на Трамп со рускиот Претседател Владимир Путин во средата, кога договараа средба за Украина. Поранешниот германски дипломат Волфганг Ишингер смета дека на Европа можеби и требал електрошок за да се разбуди и да стане поактивна. Тој посочи дека Европејците имале доволно предупредувања за тоа што би можел да донесе втор мандат на Трамп, но премногу бавно реагирале за зголемување на сопствените трошоци за одбрана и за преземање на поголемиот дел од трансатлантскиот товар.

„Хистерија во Минхен“ напиша на Телеграм Вјачеслав Володин, претседател на руската Дума.

-Европските политички елити можат само себе да се обвинуваат за ситуацијата. Колективните институции на Европската унија, претставени од нивните лидери, не разбираат што се случува во светот, тие ја покажаа својата неспособност и несоодветност, рече Володин.

Во меѓувреме, украинската војска соопштии дека руските сили остро ги зајакнале своите борбени активности на истокот на Украина, со акцент на важниот логистички јазол Покровск, каде во последните 24 часа имало 261 воен судир.

ИЗДВОЕНИ