
Не престануваат реакциите на светските и домашните економисти по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за 90-дневна пауза во примената на царинските тарифи. Но она што е позитивно за земјите кои покажаа желба за преговори со САД е изјави на Трамп дека секоја земја во светот што сака да преговара, тој е подготвен да ја слушне. Меѓу земјите што побараа трговски преговори со САД е и Македонија. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека актуелната глобална економска ситуација, вклучително и новите царини од САД, може да се искористи како шанса за Македонија да ги зацврсти врските со САД и да го зголеми извозот.
На економскиот форум „Делфи“, што се одржува во Грција таа истакна дека можно е да се создадат услови за договор за слободна трговија со САД, имајќи ја предвид добрата комуникација со Вашингтон.
-Иако моментално трговијата со САД е под 1 отсто од вкупната надворешна размена, министерката гледа потенцијал за раст. Таа нагласи дека глобализацијата го достигнала својот максимум и дека светот се движи кон нови форми на економска соработка, со фокус на регулативи, ефикасна администрација и иновации, изјави Димитриевска-Кочоска.
Според неа, ниту еден од учесниците на форумот не се ни обидел да ги оправда високите царински стапки на Трамп. Дури и американските економисти застанале против тарифниците од причина што економијата на САД ќе биде најпогодена.
-Од овие одлуки на претседателот Трамп, сепак, најмногу последици ќе трпи американската економија. Таму со сигурност може да се зборува дека доколку продолжат одлуките такви какви што се ќе влезат во стагфлација, односно ќе имаат и намалување на растот на економијата, можеби негативни стапки, инфлацијата со сигурност ќе се почувствува на нивното тло, а сето тоа во Европа ќе оди малку позадоцнето, изјави Димитриеска Кочоска.
Хајредини: Американската економија ќе биде најпогодена, кај нас ударот ќе се почувствува само индиректно
Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини смета дека најпогодена од царините на Трамп ќе биде токму американската економија, а Македонија само индиректно ќе го почувствува ударот.
-Царините најмногу ќе ја погодат американската економија, а ќе имаат индиректно влијание врз нашата и врз другите економии во светот. Две третини од размената на Македонија е со ЕУ и ако дојде до рецесија во Германија каде што 60 отсто од извозот на нашата земја се одвива таму и ние ќе бидеме погодени. Директно ќе бидат погодени само некој компании од автомобилската, текстилната индустрија и оние што произведуваат муниција, изјави Хајредини за весникот ВЕЧЕР.
Според него, поради царините можно е намалување на економскиот раст и зголемување на инфлацијата во САД. Деновиве имаше протести во 51 држава во САД поради страв од царините кои можат да се одразат врз стандардот на американските граѓани.
-Со најновата одлука што ја донесе Трамп за повлекување на царините ќе испадне најголем политичар. Тој изрази подготвеност да разговара и со Кина на која и стави царини од 125 отсто. Тој рече дека ќе седнат ќе разговараат и ќе се обидат да најдат заедничко корисно решение, објаснува Хајредини.
Тој додава дека за разлика од САД ние немаме таков менталитет. Кај нас и да се донесе некоја одлука која е лоша, власта не попушта на притисоците на граѓаните и опозицијата за да се смени таквата одлука.
Макрон: Не очекуваат 90 дена неизвесност
Главното прашање што останува неодговорено се однесува на Европската Унија, која претходно го одобри првиот сет одмазднички царини што ќе стапат во сила следниот вторник на 15 април. Доколку Кина биде погодена со дополнителни царини поради нивните одмазнички царини, не е јасно што ќе се случи со ЕУ – иако имаат неколку дена пред да стапат во сила тие царини.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека одлуката на Доналд Трамп за 90-дневна суспензија на претходно воведените царини претставува само „кревко примирје“.
-Делумната суспензија на американските царини на 90 дена испраќа одредена порака и остава отворена врата за преговори. Но, тоа е само привремено олеснување. Овие 90 дена се всушност 90 дена, неизвесност за сите наши компании, на обете страни од Атлантикот и пошироко, напиша Макрон на платформата X.
Тој предупреди дека царините од 25 отстои на челик, алуминиум и автомобили, како и 10 отсто на останатите производи, сè уште се на сила – што за Европската Унија значи товар од 52 милијарди евра.
Рамка: Рекорден пораст на цената на златото
Цената на златото достигна историски максимум, надминувајќи 3.200 долари за унца (околу 2.454 фунти), откако растат стравувањата од ескалација на трговската војна меѓу САД и Кина.
Инвеститорите сè повеќе се насочуваат кон т.н. „сигурни засолништа“, а меѓу нив се и златото и швајцарскиот франк. Франкот ја забележа својата највисока вредност во последната деценија во однос на американскиот долар.
Паралелно со тоа, повторно е активирана распродажбата на американски државни обврзници, која започна претходно оваа недела.
Рамка: Волстрит падна поради тензиите на САД и Кина
На Волстрит цените на акциите нагло паднаа, губејќи дел од добивките од претходниот ден, бидејќи царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг не покажува крај.
Индексот Dow Jones падна за 2,50 отсто, на 39.593 поени, додека S&P 500 потона за 3,46 отсто, на 5.268 поени, а индексот Nasdaq за 4,31 отсто, на 16.387 поени. Така, индексите загубија дел од добивките од претходниот ден, кога S&P 500 скокна за историски 9,5 отсто, а Nasdaq повеќе од 12 отсто.
По големите промени во последниве денови, S&P 500 сè уште е во пад од околу 7 отсто од средината на минатата недела, кога американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни, реципрочни царини за американскиот увоз.
Откако Трамп во средата ја одложи примената на тие царини за 90 дена, многу земји изјавија дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите и Европската Унија, која ги одложи своите контрамерки против царините на Трамп.
Но, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка за увоз на кинески стоки на 145 отсто, 125 отсто реципрочни царини и претходните 20 отсто поврзани со кризата со фентанил.
Инвеститорите, пак, не ги охрабрија подобрите податоци од очекуваните за ублажувањето на инфлацијата во САД во март. Се проценува дека инфлацијата најверојатно ќе се зголеми во наредните месеци поради воведувањето царини, додека челниците на американската централна банка велат дека нема да брзаат со намалување на каматните стапки, туку чекаат податоци кои ќе покажат како царините влијаеле на економскиот раст и на инфлацијата.
На европските берзи акциите пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 3,04 отсто, на 7.913 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 4,53 отсто, на 20.562 поени, а париски CAC зајакна 3,83 отсто, на 7.126 поени.
Рамка: Кина го возвраќа ударот
Пекинг вчера ги зголеми царините за американски увоз од 84 на 125 отсто, возвраќајќи на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголеми тарифите за кинески стоки на 145 отсто. На тој начин се зголеми опасноста од трговската војна која се заканува да ги уништи глобалните синџири на снабдување.
-Американското воведување на невообичаено високи царини за Кина сериозно ги крши меѓународните и економските трговски правила, основните економски закони и здравиот разум и е целосно еднострано малтретирање и принуда, се вели во соопштението на кинеското Министерство за финансии.
Пекинг вели дека нема да одговори на дополнителните царини наметнати од Америка.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија рече дека тарифите наметнати од САД за кинескиот извоз станаа „игра со бројки без вистинска економска смисла“.
Тој додаде дека овие нови мерки само дополнително ќе го разоткријат „насилното и принудно однесување на САД“.
Кинеската мисија во Светската трговска организација (СТО) објави дека поднела дополнителна жалба против тарифите воведени од американската администрација.
(А.С.)