Американскиот Стејт департмент планира да затвори неколку конзулати, главно во Западна Европа, и да го намали бројот на вработени ширум светот, објавија во четвртокот високи американски претставници.
Во исто време, се размислува за спојување на неколку стручни канцеларии во седиштето во Вашингтон, вклучувајќи ги и оние кои се занимаваат со човекови права, бегалци, глобална правда, права на жените и борба против трговијата со луѓе.
Минатиот месец Ројтерс објави дека на американските дипломатски претставништва ширум светот им било наредено да го намалат бројот на вработени – и американски и локални – за најмалку 10%. Овој потег е дел од пошироката стратегија на претседателот Доналд Трамп и неговиот близок соработник Илон Маск, чија цел е драстично намалување на трошоците низ федералната администрација.
Околу 700 вработени – од кои 450 дипломати со долгогодишно искуство – поднеле документи за напуштање на работата во првите два месеца од оваа година, рече претставник од Стејт департментот. Тоа е неверојатна стапка: пред 2025 година, околу 800 луѓе даваа оставки во текот на цела година.