САД не ја гледаат утрешната средба во Ријад со руската делегација како почеток на „преговорите“ за Украина, туку како продолжение на телефонскиот разговор меѓу претседателите Доналд Трамп и Владимир Путин, соопшти Стејт департментот.
„Не мислам дека на ова треба да гледаме како на некаков напредок кон некој вид преговори“, изјави за новинарите портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус.
Водечките руски функционери ќе разговараат со своите американски колеги за повторно воспоставување на врските, за Украина и подготовка за средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, соопшти денеска Кремљ.
А Стејт департментот денеска потврди дека утре во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, ќе има средба на високи претставници на Русија и САД.
Засега во овие разговори не се вклучени Европејците и Украина.
На средбата во Ријад од руска страна ќе учествуваат министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, и советникот на Путин за надворешни работи, Јуриј Ушаков, а од американска страна ќе учествуваат државниот секретар, Марко Рубио, пратеникот на претседателот Трамп за Блискиот исток, Стив Виткоф, и советникот за национална безбедност, Мајк Валц.
По денешното пристигнување во Ријад, Рубио рече дека разговорите првенствено ќе бидат за „обновување на целиот комплекс на американско-руски односи“ и организирање „можни разговори“ за Украина и средбата на двајцата претседатели.