
Откако се договорија Вашингтон и Киев за украинските ретки минерали, Трамп најави дека Зеленски сакал да дојде во Вашингтон в петок, но дeнеска средбата не е потврдена. Деталите од договорот за украинските минерали сè уште се нејасни, но, според достапните информации, условите му се изразито наклонети на Вашингтон, рекла Наоми Лим, новинарка на „Вашингтон егземинер“ во разговор за Би-би-си. Повеќе извори потврдуваат дека во нацрт-договорот не се споменуваат никакви безбедносни гаранции за Украина, туку само е отстранет спорниот член според кој САД треба да добијат 500 милијарди долари од екстракцијата на минерали
Петок би требало да биде денот кога Украина ќе ја добие многу посакуваната американска гаранција за мир во замена за приходите од ископување ретки минерали. Но, најновите информации ги ставаат под прашалник и безбедносните гаранции, како и средбата в петок меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот Володимир Зеленски за ставање потпис на договорот за минералите.
Во средата, како што објавија медиумите, Вашингтон и Киев постигнале договор за украинските ретки минерали, откако САД се откажале од барањето да го добијат целиот приход од нивната екстракција. Трамп најави дека Зеленски сакал да дојде во Вашингтон в петок, но во текот на денешниот ден не беше потврдено за средбата.
– Слушам дека тој (Зеленски) доаѓа в петок. Секако, мене ми е во ред доколку тој го сака тоа. И тој би сакал да го потпише тоа заедно со мене. И разбирам дека е голема работа тоа, многу голема работа – рече Трамп пред новинарите во Овалната соба, пишува „Гардијан“.
„Ројтерс“ цитира два неидентификувани извори, кои велат дека Зеленски планира да отпатува во Вашингтон на 28 февруари за да се сретне со Трамп.
Но, дали во тој договор Американците, во замена за приходите од екстракцијата на минералите, навистина ѝ нудат гаранција за мир на Украина, како што бара таа? Во медиумите веќе протекоа детали од договорот и токму тоа е најспорниот дел во него. Извор запознаен со договорот тврди дека тој не содржи никакви американски безбедносни гаранции, ниту, пак, предвидува да се продолжи со испораката на оружје. Но, украинска „Правда“ пишува дека договорот го дефинира пристапот до украинските суровини во замена за поддршка од САД. Договорот, според извори запознаени со него, предвидува САД и Украина да го развиваат рудното богатство, а приходите од тоа да одат во нов фонд со кој заеднички би управувале двете земји.
Деталите од договорот за украинските минерали сè уште се нејасни, но, според достапните информации, условите му се изразитно наклонети на Вашингтон, рекла Наоми Лим, новинарка на „Вашингтон егземинер“ во разговор за Би-би-си, пренесе Индекс.хр.
– Мислам дека тоа е она на што се противеше Зеленски на почетокот, кога американскиот министер за финансии, Скот Бесент, му го претстави договорот – рекла таа, додавајќи дека поради „вербалната војна“ меѓу Зеленски и Трамп, украинскиот претседател сега доаѓа на преговарачка маса со идеја дека сè уште не се исклучени безбедносните гаранции од разговорите.
Според Лим, договорот, исто така, зависи од рускиот став и од тоа со што планира да излезе Кремљ на преговори во врска со своите ретки минрали. За потсетување, Путин деновиве им понуди на американските компании продажба на руските ретки минерали, вклучувајќи ги и оние од окупираните подрачја на Украина.
– Она што го гледаме навистина е долгорочен финансиски договор во кој Украина вложува околу 50 % од своите приходи од минералите, нафтата и гасот, како и инфраструктурата и пристаништата во инвестициски фонд со кој управува заедно со САД, но во кој САД има 100 % интерес – објасни Лим за Би-би-си.
И „Фајненшл тајмс“ пишува дека нацрт-договорот не вклучува конкретни американски безбедносни гаранции за Украина, цитирајќи украински официјални лица. Весникот појаснува дека Киев е подготвен за потпис на договорот откако е отстранета клаузулата за 500 милијарди долари, кои САД бараа да ги добијат од ископот на минерали.
Гласноговорникот на Кремљ, Дмитриј Песков, на вчерашниот дневен брифинг рече дека Москва нема да го коментира американско-украинскиот договор додека не бидат објавени официјални информации. Тој рече дека во моментов нема планови за телефонски разговор на рускиот со американскиот претседател. Песков на вчерашниот брифинг, исто така, информира дека немало разговори со Кина за можноста да бидат распоредени кинески сили во мировна мисија во Украина, во случај да се постигне договор за мир. Но, француски министер изјави за „Блумберг“ дека Франција, Велика Британија и Германија се подготвени да пратат војници во Украина во случај на примирје.
Во меѓувреме, борбите продолжуваат со засилено темпо. Украина јави дека ноќта меѓу вторникот и средата Русија лансирала речиси 200 дрона на различни цели во земјата, додека, пак, украинските сили извеле голем напад со дронови на југот од Русија.