Владата на САД ќе ја утврди причината за аутизмот до септември оваа година, изјави во четвртокот американскиот секретар за здравство и човечки услуги, Роберт Кенеди Помладиот, пренесе „Си-би-ес“. Во февруари беше формирана специјална комисија предводена од американскиот секретар за здравство, Роберт Кенеди Помладиот, со задача да ги испита причините за растот на аутизмот, астмата и за количеството на лекови што се употребува кај децата со разни состојби
„Во согласност со вашите упатства, ќе знаеме до септември. Започнавме масовно тестирање и истражување во кое ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет“, рече Кенеди на состанокот на кабинетот на претседателот Доналд Трамп. „До септември ќе знаеме што ја предизвика епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие изложувања“, рече тој.
Трамп во февруари нареди да се создаде комисија „Направи ја Америка повторно здрава“, во која членуваат Кенеди и други министри, за да испита сè, од стапките на аутизам и астма кај децата до количеството на лекови што им се препишуваат за АДХД или други состојби. Дијагнозите за аутизам во Соединетите Држави значително се зголемија од 2000 година, што ја зголеми загриженоста на јавноста. Научниците истражуваат со децении кои генетски или еколошки фактори можат да придонесат за аутизам, но причините за повеќето случаи остануваат нејасни. Кенеди долго време ја промовираше врската помеѓу вакцините и аутизмот.