Веќе се прават подговки за инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД на 20 јануари, а претседателот во заминување Џо Бајден, на само дестина дена од завршувањето на неговиот мандат реши да ги прошири санкциите од регулативата од пред три години против сите кои му се закануваат на Западен Балкан и ги поткопуваат повоените договори. Во период во кој добиваме пораки дека се разгледуваат нови имиња и дека ќе се шири американската црна листа, откако неколкумина од Македонија, меѓу кои и бизнисмени, поранешни функционери и актуелен судија, Бајден донесе извршна наредба со која ги прошири санкциите насочени кон категории на поединци кои подлежат на американски санкции, како што пренесе РСЕ, поради оспорување на суверенитетот и територијалниот интегритет на држави од Западен Балкан, поткопување на повоените договори и институции и ангажирање во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократските институциите и избегнувањето на санкциите на американската влада.
Со таа наредба, Бајден презеде дополнителни чекори, изменувајќи и дополнувајќи три наредби поврзани со Западен Балкан од 2021 година, кои се однесуваат на блокирање на имотот и суспендирање на влезот во САД на лица кои придонесуваат за дестабилизација на Западен Балкан.
Меѓу новитетите донесени со уредбата се дека санкциите ќе ги опфатат и сопружниците и возрасните деца на санкционираните лица, лидерите или членовите – владини или деловни – на санкционирани субјекти, како и оние под чија контрола се санкционираните лица или субјекти.
Регулативата од 2021 година предвидува дека санкциите – блокирање на имотот и суспензија на влез во САД – се применуваат на лица кои се директно или индиректно одговорни за дејствија и политики кои го загрозуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на регион или држава на Западниот балкан, ги поткопува демократските процеси или институциите, кршењето на човековите права или корупцијата. Во уредбата се наведува дека санкциите се однесуваат на лица кои директно или индиректно учествувале или се обиделе да учествуваат во кршење, попречување или закана за спроведувањето на регионалната безбедност, мировните договори или договорите за взаемно признавање на Западен Балкан.
-…вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година; Охридскиот рамковен договор од 2001 година; Резолуција 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации; Дејтонскиот договор; или заклучоците од Советот за имплементација за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот Управен одбор; или Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, или, во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот преостанат механизам за кривични трибунали, стои во уредбата донесена од американскиот претседател во заминување.
Министерот за здравство Арбен Таравари од владејачката „Вреди“ изјави дека како Влада ја поддржуваат одлуката на американскиот претседател Џо Бајден за проширување на категориите на лица oд земјите од Западен Балкан кои подлежат на санкциите на САД.
-Имаше практично најава дека ќе има поригорозни мерки од претседателот на САД, Џо Бајден, за тие коишто злоупотребуваат и не почитуваат одредени меѓународни спогодби, особено за Западен Балкан. Ние го поздравуваме ова и мислам дека како Влада се придржуваме максимално кон сите тие меѓународни договори. Нека размислат оние коишто имаат проблем, изјави Таравари.
Според проширената регулатива, санкциите се применуваат „на секој за кого Министерството за финансии на САД, во консултација со Стејт департментот, ќе утврди дека е лидер, службеник или член на ентитет, вклучително и владин ентитет, кој се вклучил или се обидел да се вклучи во која било од активностите дефинирани во претходната регулатива или чии средства и интереси во средства се блокирани согласно тој пропис“, пренесе РСЕ.
Мерките се однесуваат и на лица кои материјално помагале, спонзорирале или пружиле финансиска, материјална или технолошка поддршка, или стоки или услуги за поддршка, на секое лице чиј имот и интереси во имот се блокирани во согласност со таа регулатива.
Тие, исто така, се однесуваат на оние за кои се утврди дека поседуваат или контролираат, директно или индиректно, секое лице чии средства и интереси во имот се блокирани во согласност со регулативата.
Како што се појаснува во декретот на Бајден, овие засилени и проширени мерки се воведуваат поради „настаните на Западен Балкан, вклучително и континуираните обиди на поединци да го оспорат суверенитетот и територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан, да ги поткопаат повоените договори и институции и да се ангажираат во значителна корупција што го поткопува владеењето на правото и довербата во демократското владеење и да се избегнат санкциите на американската влада“.
Минатиот месец, Стејт департментот на САД воведе санкции против поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и против судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција. Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција. Покрај санкциите за Груби и за Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства. Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, во неколку наврати најави дека Стејт департментот разгледува и други лица од Македонија и дека црната листа е динамична и ќе се шири. (В.С.Н.)