САД ги запишува, Македонија не ги отпишува

Црната листа е политичко, но не и правосудно оцрнување

232

Ставањето на Артан Груби на ,,црната листа,, на Стејд департментот го повлече политичарот од јавниот живот. Груби кој својата кариера ја градеше со западно партнерство, падна на нивниот тест за корупција. На неговиот Фејсбук профил напиша дека и покрај повлекувањето тој останува на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. ,,Тоа се вредности кои не се само моја мотивација, туку и обврска која отсекогаш сум ја чувствувал. Нашите достигнувања, на кои сите бевме сведоци, не се само заслуга на мојата и посветеноста на моите колеги, туку и на искрената и континуирана поддршка на нашите пријатели од САД и на ЕУ. Фактот што денес Северна Македонија е членка на нато и ги започна преговорите за членство во ЕУ е јасен доказ за оваа соработка и заендичка посветеност. Но, цената на оваа посветеност, цена која отсекогаш била во служба на вредностите и правдата, е тешка за мене и за моето семејство, пишува Груби во објавата.

Стејд демартментот донесе одлука дека Артан Груби и неговото семејство и судијата Енвер Беџети не се подобни за влез во САД бидејќи биле вмешани во значителна корупција, односно примале мито за поткопување на судските постапки поврзани со пресудата на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Познавачите на меѓународното кривично право кој ги консултираше весникот ВЕЧЕР, велат дека станува збор за дискреционо овластување и се сомневаат дека санкционираните имаат право на жалба, ако веќе постои таков инструмент тогаш тоа би се свело на некаков приговор. Одлуката да се стави лице на ,,црната листа,, повеќе значи политичко жигосување и поттик обвинителството да ги истражува наводите.

Дражавниот обвинител Љупчо Коцевски истакнувајќи го партнерството со САД во борбата против корупцијата, рече дека веќе издале наредби до полицијата да почнат со постапување по новооформените предмети за Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети, се истражува сомнеж за поткуп и трговија со влијание, а во врска со предметот ,,Таргет-Тврдина,, за масовното незаконско прислушкување кој од ,,чување,, во фиока –застаре.

Денеска од обвинителството информираат дека сеуште е рано да се зборува дали и кога ќе се ,,чешла,, имотот на инволвираните, кои пак според анкетните листови кои ги доставиле до антикорупциската комисија се скромни. Стари автомобили, куќа, стан, картичка, кредит.

Артан Груби беше поврзуван од албанската опозиција дека стои зад коцкарски бизниси во индустриската зона Визбегово преку државната лотарија. Во неодамнешното интервју за весникот ВЕЧЕР, наследникот во Министерството за политички систем, Иван Стоилковиќ, откри дека во МОЗ не се правел попис, а во касата фалеле околу 40000 евра од каде пак се ваделе пари без покритие. Целата документација сега е во Финансиската полиција, МВР и ОЈО на постапување, тврдеше Стоилковиќ.

Груби не е прв функционер од ДУИ кој се најде на американската црна листа, минатата година се допиша името на Рамиз Мерко со објаснување дека од позиција на градоначалник си присвоил средства и се мешал во судските постапки. Иако против него се водат 8 постапки, сепак ниту една нема правна разрешница. Неказнивоста на системот во стилот на народната кучињата лаат караванот врви, го продолжува полициското досие на градоначалникот па меѓу последните пријави е таа за дивоградба во Струга. Мерко беше исклучен од партиските органи, а Груби тоа го стори сам со цел како што пишува да не биде политички товар и да го сочува личниот и политички интегритет.

Така наречената црна листа на САД, засега остана на политичко, но не и на правосудно оцрнување на имињата. Тоа е работа на вашите истражни органи, порача американската амбасадорка Ангела Аглер. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вели дека Обвинителството треба веднаш да отвора предмети за секој од листата.

„Ние имаме инструменти за постапување по допрен глас, еве се израдував – нели, јас реков дека американската црна листа е силен допрен глас, бидејќи во образложението не се вели дека тоа е само политички чин, туку се вели дека се работи за криминални дејствија и притисоци врз судството.“, порача Сиљановска Давкова.

Меѓу првите политички фигури за кои САД најде докази за коруптивни дејанија беше Мендух Тачи во 2002 година кој пак неодамна прв го напушти ,,бродот,, управуван од ДУИ односно коалицијата Европски фронт. Тачи беше обвинет за изборни нерегуларности во случајот Титаник 2, заедно со Мијалков. На листата на непожелни лица во САД се и Сергеј Самсоненко, Орце Камчев и неговата мајка Ратка, Сашо Мијалков, Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев за кому со измените во Кривичниот закон предметот во ОЈО се затвори, а кривична постапка, според Обвинителството, има за градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е единствената од листата која издржува затворска казна во Идризово. Отворен конфор во струшкиот затвор  доби и Мијалков.

Преставници од Американската амбасада имаат пракса да следат судски постапки во кои се гони висока корупција и повреда на човековите права. Со самото тоа што САД ги добива докзите во земјава, тогаш лесно можат и нашите истражни органи да дојдат до нив, велат експертите по меѓународно кривично право. Американската амбасада во последните тиресет години инвестирала половина милијарда долари во програми за владеење на правото и добро владеење. (П.А)