Со мали корекции на конструкцијата, Универзална може да продолжи да се гради!

122

– Набабрените елементи од прстенот, со исклучок на една дијагонала што треба да се зајакне, нема да се менуваат, бидејќи носивите карактеристики не се променети и се исти како што се декларирани од производителот – нагласи директорот на ИСОГКП, Михаил Гаревски, кој го вршеше лабораториското испитување.

Во направената експертиза од страна на ИСОГКП, исто така се констатира дека конструкцијата може да продолжи со дооформувањето, бидејќи не е нарушена нејзината стабилност, а механичките карактеристики на материјалите остануваат непроменети

 

Резултатите од лабораториското тестирање од набабрените елементи од прстенот на куполата на Универзална сала покажале дека механичките карактеристики на опожарениот елемент се исти како и на неопожарениот, односно и за овие носачи се покажало дека тој не влијаел на намалувањето на носивоста на челикот.

Директорот на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени (ИСОГКП), Михаил Гаревски, кој го вршеше испитувањето во две лаборатории, истакна за весникот ВЕЧЕР дека во конечната експертиза се препорачува да бидат заменети сите секундарни набабрени елементи, поради лесната демонтажа и монтажа, иако нивната носивост не е намалена.

– Набабрените елементи од прстенот, со исклучок на една дијагонала што треба да се зајакне, нема да се менуваат, бидејќи носивите карактеристики не се променети и се исти како што се декларирани од производителот – нагласи Гаревски.

Во направената експертиза од страна на ИСОГКП, исто така се констатира дека конструкцијата може да продолжи со дооформувањето, бидејќи не е нарушена нејзината стабилност, а механичките карактеристики на материјалите остануваат непроменети.

– Додека столбовите, лаците и гредите не претрпеле никакви деформации, искривувања и ротации, дел од секундарните греди, вкупно седум, и дел од прстенот имаат претрпено видливи пластични деформации. Бидејќи секундарните елементи и елементите од прстенот се шупливи, со квадратен пресек кај нив е дојдено до набабрување. Овој феномен на набабрување не е непознат и е резултат на притисокот на воздухот што се наоѓа во профилите и е предизвикан од зголемена температура, па, во одредени услови, може значително да ја намали аксијалната носивост на херметички затворените шупливи квадратни елементи. Набабрените елементи се класифицирани во трета (најлоша) категорија на оштетување – објасни Гаревски.

За да се види дали ги намалил пожарот носивите карактеристики на набабрените елементи, од прстенот на куполата се извадени еден секундарен елемент и една дијагонала и од секој од нив се направени по три епрувети за тестирање.

– Тестирањето на епруветите е направено во две акредитирани лаборатории. Резултатите покажаа дека иако биле изложени елементите на пожар, материјалот го задржал својот квалитет S275. Извадени се и два елемента од главните носачи, I профил, и тоа еден опожарен и еден неопожарен елемент. Од фланшите на овие елементи, направени се епрувети и резултатите од нивното тестирање покажаа дека механичките карактеристики на опожарениот елемент се исти како и за неопожарениот, односно се покажа и за овие носачи дека тој не влијаел на намалувањето на носивоста на челикот – кажа Гаревски.

Оваа експертиза, како што истакна Гаревски, му е предадена на изведувачот.

По барање на изведувачот на реконструктивните зафати на Универзална сала – „Универзал Балкан ДОО“ – Скопје, за да се утврди дали се настанати штети од дејството на пожарот и за да се утврди стабилноста на носивата конструкција, претходно се извршени две визуелни инспекции на Универзална сала.

– Првата инспекција, направена од ИСОГКП на 11.5.2024 година, имаше цел да ја оцени глобалната стабилност на конструкцијата и да утврди дали е безбедно за екипите што ги расчистуваат остатоците од пожарот. Втората детална инспекција беше направена со телескопска корпа за да се идентификуваат и за да се класифицираат оштетените елементи. Со помош на телескопската дигалка, која има досег до 30 метри, можеше да се пристапи до секој елемент од конструкцијата одблизу – наведе Гаревски.

Тој додаде дека екипата што ја вршела визуелната инспекција, не успеала да забележи никаква видна деформација на носивите елементи (столбови, греди и лаци), ниту, пак, какви било пластични деформации.

– Овој факт дава за право сите елементи на главната конструкција да се класифицираат во прва категорија (неоштетени). И овој факт укажува дека температурата во елементите била во опсег од 400 C 0 до 500 0 C – заклучи Гаревски.

Последната изјава на министерот за култура, Зоран Љутков, е оти се чека извештајот за првата фаза од изградбата на Универзална сала. Во однос на тоа што ќе се случи со Универзална сала, Љутков рече дека нема забелешки од извештаите во однос на самата изградба на салата и напомена дека го чека извештајот од првата фаза на градбата, кој би требало да го добие.

 – Кога ќе кажам дека не ставам потпис во понатамошната постапка, тоа значи дека се сомневам во одредени процеси, бидејќи јас наследувам нешто во моментот, а тоа е капитален објект. Прво, немам никакви забелешки од извештаите во однос на изградбата. Изведувачот си ја работи работата како што си ја работи. Беше отворена втората фаза за „тендерирањето“, но ние сè уште немавме информации од првата фаза или од пожарот. Во овој период, добив информација дека за ден-два ќе го добиеме извештајот и втората фаза ќе може да си продолжи. Но, јас имам проблем со постапката. Го испитувам тој процес. Ако не е во ред таа, тогаш ќе донесеме одлука што ќе се случува во процесот понатаму. Ако не е постапката во ред, тогаш нема јас, туку државата ќе го стопира процесот. Но, како и да е, во овој момент, во Универзалната сала се работи по сите правила и прописи – изјави Љутков.

Тој најави дека ќе се прави комплетна ревизија на постапката за реконструкција на Универзална сала. Тој потенцираше дека Министерството за култура нема да одобри никакви активности на салата додека трае ревизијата.

Универзалната сала во Скопје се запали на 9 април годинава, само по еден месец откако почнаа градежните работи за нејзина реконструкција и по 10 дена откако беше поставена новата купола. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал – Балкан“ рекоа дека, најверојатно, се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.

(А.П.)