Рустеми ги демантира обвинувањата на Николоски

201

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми ги нарекува „неточни и неосновани, со впечатлива политичка позадина“ тврдењата на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, а по наодите на Државниот завод за ревизија, за наводни нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта.

– Јавноста е запозната дека во изминатиот период ЈПДП има реализирани рекордно ниво на капитални инвестиции во патната инфраструктура, сѐ со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава. Минатата година, исто така, регистрирано е рекордно ниво на приходи од патарини, а воведена е електронска наплата на патарини. Во истиот период, направени се големи зафати за редовно одржување на патиштата: чистење, кастрење на вегетацијата и слично, за поголема безбедност и сигурност за одвивање на сообраќајот – истакна Рустеми.

Тој потсети дека минатата година започна со реализација и најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, тоа се европските Коридор 8 и Коридор 10д.

– Во сите овие реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација. Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието – рече Рустеми.

Тој потсети на деталите од клучните проекти кои се наведени на вчерашната прес конференција на министерот Николоски:

– Проект за изградба на автопат, патна делница Кичево-Охрид. Вредноста на договорот е зголемена со Закон за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурните проекти, за изградба на патна делница Миладиновци-Штип и патна делница Кичево-Охрид, објавен во Службен весник бр.208 од 14.11.2018 година.

– Проект втора делница ТЕН-Т проект за автопат од Скопје до граница Косово, проценетата вредност од 112 милиони евра е зголемена на 198 милиони евра од страна на независна техничка консултантска куќа – Аткинс, ангажирана од ЕБОР, во соработка со проектантот Конзорциумот Хил Интернешнл, избран преку ИПФ 7 со грант од Европска комисија. При изборот на консултантската куќа и проектантот, ЈПДП немал и не може да има никакво влијание.

– Проект во ИПА ИИ – Изградба на патна делница Градско-Дреново.
Потенцираме дека во ИПА оперативната структура Министерство за финансии – ЦФЦД ги има обврските на “Договорен орган”, додека Министерството за транспорт и врски е “корисник”, а Јавното претпријатие за државни патишта е “краен корисник”.

– Улогите и одговорностите на трите ентитети се регулирани со Оперативен договор за секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, каде ЦФЦД ја има одговорноста за спроведување на тендерските постапки, склучување на договори и вршење на исплати за активности финансирани од ЕУ. Јавното претпријатие за државни патишта како “краен корисник” ги презема и ги има извршено навремено сите обврски од технички аспект за кои е надлежна според Оперативниот договор – истакна Рустеми.

По изјавата на Николоски дека го повикува Обвинителство да ги имаат предвид наводите во Ревизорскиот извештај и да ја проверат работата на ЈПДП, Рустеми вели дека тој како директор, и ЈПДП, стојат на располагање на сите надлежни институции за секаков вид на проверки и ревизии на работењето на претпријатието.

– За уште еднаш да се потврди законското работење преку реализација на Годишните програми за работа во изминатиот период за што сведочат и резултатите на претпријатието. Јавното претпријатие за државни патишта е институција којашто заслужува најголема почит заради нејзините резултати во изминатиот период затоа треба да се стави на страна од дневнополитичките агенди – истакна директорт Рустеми.

(С.Бл.)