Рускиот аналитичар Олег Барабанов објасни зошто Србија не е добра опција за средба меѓу претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.
Барабанов вели дека средбата може да се одржи во земја во развој или на маргините на меѓународен форум, откако Трамп ќе ја преземе функцијата.
„Според мене, нема да биде во Европа. Јасно е дека Швајцарија отпаѓа. Србија исто така не е добра опција. Најверојатно ќе се одржи во некоја земја во развој, можеби на маргините на некој меѓународен форум. Во случајот со Србија, има и технички проблем: рускиот „Претседателскиот авион би морал да лета над земјите од Европската унија. Србија е нереална опција само од таа причина“, изјави Барабанов за ТАСС.
Според програмскиот директор на рускиот меѓународен клуб „Валдаи“, средбата меѓу лидерите на Русија и САД би била добар почеток за ставање крај на конфликтот во Украина, но не треба да се очекува тоа да биде конечно решение за сите проблеми.
„Мислам дека сè нема да се реши во еден ден, спротивно на она што го изјави Трамп. Сепак, важно и корисно е новата американска администрација да го знае официјалниот став на Русија за Украина“, рече Барабанов.
Тој додаде дека денеска многу се зборува за можна средба меѓу Путин и Трамп, со различни предлози за локацијата, нагласувајќи дека доколку средбата навистина се одржи, таа ќе се одржи дури откако Трамп ќе биде инаугуриран и ќе ја преземе функцијата.
Според рускиот експерт, на таа средба најверојатно ќе и претходат некои подготвителни контакти со Кит Келог, специјалниот пратеник на новоизбраниот американски претседател за Украина.
„Ваква средба нема да се случи веднаш по инаугурацијата. Ќе биде потребно извесно време за да започне процесот“, посочи аналитичарот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Белград е заинтересиран да биде домаќин на средба меѓу Трамп и Путин.
Вучиќ рече дека Србија е „целосно подготвена да гарантира целосна безбедност“ на двајцата лидери и дека во исто време е „земјата каде претседателот Трамп има најголема поддршка во цела Европа и каде што претседателот Путин останува многу популарен“.
Идниот советник на Трамп за национална безбедност, Мајк Волц, вчера изјави за „Еј-Би-Си“ дека наскоро може да се очекува телефонски разговор меѓу Трамп и Путин.
Трамп претходно изјави дека би сакал да се сретне со Путин во првите шест месеци од неговиот мандат и дека е подготвен за такви контакти.