Рускиот генерал-полковник Игор Кирилов, шеф на Корпусот за заштита од нуклеарни, биолошки и хемиски закани, е убиен пред станбена зграда во Москва, заедно со неговиот помошник, потврди Истражниот комитет на Русија. Според соопштението, нападот бил извршен со експлозивна направа скриена во скутер, кој бил активиран од далечина. Пристигнаа и првите реакции од Русија.
Украина ја презеде одговорноста за атентатот, а извор од Украинската служба за безбедност (СБУ) потврди дека операцијата ја извршила украинската страна. Ова тврдење предизвика бурни реакции во Москва, каде што Рускиот истражен комитет го окарактеризира убиството на Кирилов како „терористички чин“, повикувајќи се на обвинувања за „убиство, нелегална трговија со оружје и муниција“.
По веста за убиството на Кирилов, Дмитриј Медведев, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, најави „итна одмазда“ на украинското раководство.
„Сфаќајќи ја неизбежноста на воениот пораз, тие прибегнуваат кон кукавички и предавнички напади врз мирните градови“, рече Медведев.
Покрај обвинувањата против Украина, руските власти го обвинија и Западот, особено Велика Британија и САД, за атентатот. Андреј Картаполов, претседателот на Комитетот за одбрана на Државната дума, рече дека „ќе ги најдат и казнат сите одговорни за организацијата и извршувањето на ова злосторство, без разлика кои се и каде се“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на Телеграм напиша дека Кирилов „со години систематски ги разоткрил злосторствата на англосаксонците“. Нејзината позиција беше поддржана од Андреј Гуруљов, член на Државната дума и пензиониран генерал, кој го опиша Кирилов како личност која „ги следела и ги разоткрила криминалните активности на САД и нејзините сателити, вклучително и криминални биолаборатории и ширење на хемиски и биолошки оружје“.
Гуруљов повика на „жестока одмазда“, која, според него, ќе вклучува „удари врз англосаксонските преставници“. Неговите изјави доаѓаат во време кога односите меѓу Русија и Западот се дополнително затегнати, а Москва се повеќе го користи наративот „заговор на Западот“ за да ги оправда своите воени и политички потези.
Украинската служба за безбедност го уби рускиот генерал Кирилов сред Москва